Во 33 држави, за вкупно 200.000 возила што веќе се возат, за 15 модели, Мерцедес им нуди можност на сопственичките и сопствениците да вчитаат функција за автоматско престигнување.
Автоматско менување лента или АЛЦ (аутоматик лејн чејнџ) е најновата ставка во арсеналот од системи за асистенција на Мерцедес-Бенц, достапна за Ц-, Е-, С-Класа, ГЛЦ, ЦЛЕ, електричните Е-Ку-Е, Е-Ку-С, нивните СУВ-изведби. Новина сé уште претставува и можноста, оваа функција да се добие отпосле, односно откако возилото веќе е излезено од фабрика. Секако тоа важи само за новите генерации модели и за возила во коишто вграден Плус-пакетот од системи за асистенција.
Станува збор за софтвер што треба да се вчита во возилото, на истиот начин како што во телефоните се вчитува нов оперативен систем или се освежува некоја апликација. За вчитување се користи сопствената интернет-врска на возилото, што значи дека и самото возило треба фабрички да поседува одредени ставки за сега да може да научи да престигнува автоматски.
Системот е достапен на 33 пазари. Сопствениците ќе дознаат дали нивното возило може да го вчита соодветниот софтвер преку пораката што ќе се појави во инфо-забавниот систем.
Станува збор за систем за асистенција, што се придружува на повеќе од 40 системи за асистенција за комфор и безбедност што се достапни во Мерцедес. За да се користи АЛЦ, портребно е возилото да поседува Пакет Системи за Асистенција Плус, односно пакет што изобилува со системи од овој вид и претставува опција, кога возилото се нарачува од фабрика.
Главниот систем врз чијшто способности се темели АЛЦ е Дистроник, односно системот за одржување растојание. При вклучен Дистроник, возачите на Мерцедес можат да изберат дали на одредена делница да го пуштат возилото да престигнува автоматски. Мерцедес уште лани во ноември им ја понуди оваа опција на возачите во САД. Во Кина исто така постои посебна верзија на АЛЦ.
Ова е првпат Мерцедес да понуди функција за возење што се вчитува од облак
АЛЦ дејствува на тој начин што при вклучен Дистроник, значи систем што самостојно ја одржува брзината и растојанието од возило или колона возила напред, доколку се исполнети условите, односно не се пресекува пат на возило што веќе престигнува и други пресуслови, системот за автоматско задржување во лента овојпат го изведува самото престројување – без потреба возачката или возачот да изведат каков било зафат. Бидејќи станува збор за систем за автономно возење од Ниво 2, возачот треба во секое време да биде подготвен да интервенира. Возачот сноси одговорност во случај на незгода со вклучен систем.
Уште една корисна функција е тоа што системот може автоматски да го престрои возилото кога автопатот се двои на повеќе правци, а воедно може и да се упати кон излез од автопатот.
Системот во Европа работи во подрачјето меѓу 80 и 140 км/ч. Услов за системот да дејствува е навигацијата да потврди дека се вози по автопат, дека двете насоки на автопатот се одвоени, потоа камерите мода да ги читаат лентите и да се утврди дека има доволно простор за престигнувањето да се изведе.
Македонија секако дека е на списокот од 33 држави, каде што возачите на Мерцедес-Бенц ја уживаат оваа технологија. Целото соседство е тука, Србија, Грција, бугарија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, покрај Белгија, Данска, Германија, Естонија, Финска, Франција, Велика Британија, Ирска, Италија, Хрватска, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Австриуја, Полска, Португалија, Романија, Шведска, Швајцарија, Словачка, Словенија, Шпанија, Чешка и Унгарија.
















