Во новата фабрика на Ферари ќе се произведуваат и развиваат модели со мотор со внатрешно согорување, со хибриден погон и со електричен погон.
Ферари ќе ги користи новите производствени погони за да произведува пофлексибилно и да го скуси времето што е потребно за развој и пуштање во продажба на нови модели, кажа извршниот директор Бенедето Виња. Зголемувањето на продукцијата е во втор план, додаде директорот.
Италијанската суперспортска марка вложи 200 милиони евра во новата е-фабрика во своето седиште во Маранело, на северот на Италија. Во оваа фабрика, Ферари ќе го произведува својот прв модел со целосно електричен погон.
„Овој објект ќе ни дозволи да го скусиме времето до пуштање во продажба и времето за развој на нови модели,“ кажа Виња при свеченото отворање на фабриката на 21-ви јуни. Тој посочи дека досега се случувало овие две активности повремено да се поклопат на постоечките проиводствени ленти.
Виња кажа дека Ферари нема цел да ја зголеми продажбата на возила, туку нивната вредност. „Тоа во основа значи, повеќе пари по автомобил. Сакаме компанијата да расте, но не преку зголемување на бројот на произведени возила,“ објаснува директорот.
Шефот цени дека клучната алатка да се зголеми прометот од продажбата на возила е преку персонализација. Тоа се зафати што ги бараат клиентите, за да направат моделот повеќе да одговара на нивните барања, како внатре, така и надвор.
„Сакаме да имаме повеќе алатки, технолошки алатки … поголема флексибилност за да можеме да излеземе во пресрет на барањата на нашите клиенти за поголема флексибилност,“ кажува Виња.

Новите погони со површина од 42.500 метри квадратни, коишто се дополна на постоечките погони во Маранело, на Ферари му обезбедуваат дополнителна линија за монтажа на возилата.
Со нив, теоретскиот производствен капацитет на компанијата се зголемува на околу 20.000 возила годишно, наспроти помалку од 14.000 возила, колку што во 2023 година им беа испорачани на клиентите на Ферари.
Во новите погони ќе се произведуваат и клучните компоненти за електричните модели на Ферари, вклучувајќи оски, електромотори и батерии.

Во истите погони сепак ќе се произведуваат и модели со хибриден погон и со традиционални, бензински мотори, затоа што компанијата планира во иднина да ги нуди трите видови погон, за да се излезе во пресрет на сите барања на клиентите.
„Веруваме дека не постои единствено решение за идните автомобилски погони,“ порачува Виња. „Нашата стратегија е да продолжиме да вложуваме во сите три.“
Во објавата на Ферари стои дека фабриката ќе ѝ овозможи на компанијта да се организира одново и да ги прераспореди сите производствени активности во постоечките погони во Маранело, за да се постигне поголема ефикасност и да се зголеми способноста на Ферари за брзо да реагира на промени во потребите на производството.
Виња соопшти дека првите автомобили од новата фабрика ќе излезат во јануари в година. Сериското производство на првиот батериски електричен модел на Ферари ќе почне во јануари 2026 година.
Електричниот суперавтомобил ќе чини над 500.000 евра, изјави за Ројтерс лице упатено во случувањата во компанијата. Во меѓувреме се работи и на втор БЕВ-модел.
















