Првото електрично Ферари ќе чини најмалку 500.000 евра

Ferrari SF90 Stradale
Ферари веќе го има во понуда СФ90 Страдале, со приклучен хибриден погон.

Првиот електричен автомобил на Ферари ќе чини најмалку 500.000 евра, дознава агенцијата Ројтерс од извор што е упатен во случувањата. Луксузната италијанска марка се подготвува да отвори фабрика што ќе го произведува моделот. Електричното Ферари треба да ја зголеми продуцијата за една третина.

Производителот од Маранело, прочуен по своите гласни и брзи мотори, најави дека својот електричен автомобил првпат ќе го прикаже пред јавноста кон завршетокот на следната година.

Планираната цена за електричниот модел сведочи дека во управата на Ферари се мошне убедени дека ултрабогатите возачки и возачи се подготвени да платат, дури и во време кога големоволуменските марки почнаа да ги скусуваат цените, поради забавената побарувачка.

Ориентациската цена не ги вклучува опциите и посебните желби на сопствениците, што за тоа обично трошат уште 15 до 20 проценти над цената на појдовниот модел. Тоа е далеку над 350.000 евра, вклучувајќи ги опциите, што купувачите во просек ги платиле за возило на Ферари во првото тромесечје од годинава. Електричните возила на соперниците исто така чинат далеку помалку.

Електричниот Порше Тајкан, на пример, како спортска лимузина од вишата класа, почнува од 100.000 евра, а во најпрестижните изведби достига најмногу 240.000 евра.

Свеченото отворање на новиот погон за електрични автомобили во Маранело, во северна Италија, најавено е за петок, 21-ви јуни. До почетокот на сериското производство сепак ќе минат уште најмалку три до четири месеци.

Новата фабрика е храбар исчекор за компанијата, што лани продаде помалку од 14.000 возила. Со додавањето на ЕВ-моделот, производствениот капацитет ќе се зголеми на околу 20.000 возила, посочи неименуван извор.

Ферари отвори и нова лабораторија за истражување на ќелии за литиумски материи, на патот кон првиот електричен автомобил на марката. Со лабораторијата раководат научници од Универзитетот Болоња, кои ќе се сосредоточат на истражување на брзото полнење, ладењето, безбедноста на ќелиите и перформансите.

Ексклузивноста е темелот на марката, исто како и високите цени, така што секое зголемување на производството може да претставува загрозување на имиџот на Ферари.

Со својот СУВ-модел Пуросангуе, лансиран во 2022 година, Ферари сепак докажаа дека можат да постигнат успех и вон традиционалниот пазар со суперспортски двоседи и гран-туризмо крстосувачи.

„Постои растечка побарувачка за Ферари, и има простор за таа да се задоволи дел од таа побарувачка, без да се жртвува ексклузивноста,“ кажа Фабиа Калдато, менаџер во АкомеА СГР.

За испорака на некои модели се чека и по две години.

„Тоа нема да се скуси. Самото чекање на листа за испорака е статусен симбол,“ кажува Калдато, додавајќи дека расте бројот на богати клиенти во земјите што се во развој, како Индија и Средниот Исток.

Втор електричен модел на Ферари

Новата фабрика во Маранело ќе му обезбеди дополнителен производствен капацитет на Ферари. Во новите погони ќе се произведуваат бензински и хибридни моидели, исто како и новиот ЕВ, вклучувајќи и компоненти за хибриди и ЕВ.

Фабриката ќе биде целосно оперативна за три до четири месеци, откриваат извори.

Во моментов се развива и втор ЕВ-модел на Ферари, кажува изворот. Сé e во најрана фаза и може да се случи компанијата да се откаже од зголемување на продукцијата на преку 20.000 возила годишно, барем во видно време.

Извршниот директор Бенедето Виња, во април изјави пред акционерите дека „фабриката со најнапредна технологија ќе ни обезбеди флексибилност и технички капацитет во изобилство, за нашите потреби за годините што доаѓаат.“

Зголемување на вкупната продукција може да се случи само доколку се додадат нови модели во понудата. Политиката на Ферари останува строга во поглед на тоа, секој модел да се произведе во ограничена серија, без разлика колку тој модел ќе се покаже успешен на пазарот.

Соперникот Ламборгини има намера да почне со продажба на својот прв ЕВ во 2028 година. Извршниот директор Штефан Винкелман, за Ројтерс кажа дека поважно е да се има вистинскиот производ, октолку да се биде прв.

Претходна објаваСловачка ќе добие фабрика за батерии за електрични автомобили од кинески Готион
Следна објаваЏип Авенџер достигна 100.000 нарачки, а првично требаше да биде само електричен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here