
Фолксваген во мај предизвика мешаница во најголемите сегменти на европскиот пазар. Т-Рок во минатиот месец го претвори априлскиот заостаток од 372 возила зад Тојота Јарис Крос во предност од 4.508 возила.
Т-Рок беше воедно и најпродаваниот модел во Европа во мај, според првичните податоци на пазарните специајлисти Датафорс, по добиени податоци за 96 проценти од пазарите во ЕУ, ЕФТА и ОК.
Малечките СУВ-модели го претставуваат најпродаваниот сегмент на европскиот пазар. Вториот најголем сегмент им припаѓа на компактните СУВ-модели, каде што Тигуан по четири месеци од почетокот на годината беше втор по продажба, веднаш по лидерот Нисан Кашкај.
Тој распоред на силите се смени во мај, кога Тигуан го презеде водството во сегментот, престигнувајќи го Кашкај. Класичарот-бестселер на Нисан мораше да ѝ даде предност и на Киа Спортаж, којашто сега е втор најпродаван модел во сегментот.
До април, третопласираниот компактен СУВ го делеа само 1.764 возила од првото место. Во мај, разликата меѓу првиот и третиот најпродаван модел се зголеми на 5.407 возила. Разликата меѓу Тигуан и Спортаж во минатиот месец изнесуваше 2.144 возила.
СУВ-моделите на Волво постигнаа тројна победа во премиум сегментите, гледано според вкупната продажба по пет месеци.
Волво Икс-Ц 40 до мај води пред БМВ Икс 1 со 4.700 возила, во сегментот на компакт модели од премиум марките.
Волво Икс-Ц 60 исто така води пред Мерцедес-Бенц ГЛЦ, по пет месеци, во сегментот на премиум СУВ-модели во средната класа.
Електричниот Е-Икс 30, малечок СУВ на Волво што неодамна имаше премиера во Македонија, води пред Мини со 1.029 продажби.

Во моментов е мошне ограничена понудата од малечки СУВ-модели од премиум марки на европскиот пазар, за да може да се издвои посебен сегмент за СУВ-моделите. Затоа, Е-Икс 30 во статистиката се води во класа заедно со класичните градски модели.
Мирува продажбата на ЕВ, расте побарувачката за приклучни хибриди
Забавувањето на продажбата на модели со целосно електричен погон продолжи и во мај, со продажба на месечно ниво послаба за 11 проценти во споредба со истиот месец лани.
Како резултат од тоа, петмесечната продажба на ЕВ порасна за само 2,4 проценти.
Во почетокот на годината, германското здружение ВДА излезе со предвидување дека продажбата на целосно електрични модели во земјата ќе се намали за 14 проценти. Тоа би било прв пад во продажбата на БЕВ на најголемиот европски пазар во последните осум години.
Предвидувањето на ВДА веројатно беше и премногу оптимистичко. Продажбата на ЕВ во Германија се намали за 30 проценти во мај, а сметано за пет месеци, падот изнесува 16 проценти, со вкупно продадени 141.200 возила.
Модел Ипсилон е најпродаван БЕВ во Европа, и покрај падот од 24 проценти и 79.125 продадени возила. По него следи Модел 3, со раст од 38 проценти и вкупно продадени 38.863 возила до мај.
На третото место на најпродавани ВЕВ е Волво Е-Икс 30, со 30.195 продажби.
Побарувачката за приклучни хибриди растеше побрзо во споредба со БЕВ-моделите, со раст од 4,9 проценти и вкупно 399.034 возила.
Најпродаван приклучен хибрид е Волво Икс-Ц 60. Втор е Мерцедес ГЛЦ, додека Форд Куга падна на третото место.
Икс-Ц 60 и ГЛЦ избија на врвот главно благодарение на огромниот раст во продажбата од 50, односно 68 проценти. Наспроти тоа, трендот кај Форд Куга е негативен, со пад од 22 проценти.















