Никој не вози побрзо на Нирбургринг од Мерцедес

Официјалното време на најбрзиот сериски автомобил на Нордшлајфе на Нирбургинг отсега изнесува 6:29:090 минути и му припаѓа на истиот автомобил како досега, на Мерцедес-АМГ Уан. Хиперавтомобилот со технологија од Формула 1 си го поби сопствениот рекорд за повеќе од пет секунди. Рекордот е уште поубедлив, затоа што Уан прв ја собори волшебната граница од 6:30 минути.

Ремек делото на АМГ е воедно и единствен хиперавтомобил со хибриден погон што постигнал рекорд на Нордшлајфе.

Човекот зад воланот е најповикан да зборува за постигнувањето: „Условите не беа најдоби пред две години, некои делови од патеката уште беа влажникави. Денес можевме да го прикажеме крајниотпотенцијал на АМГ Уан. Голема благодарност до целиот тим од Афалтербах за довербата што ја имаа во мене“, кажа Маро Енгел, амбасадор на Мерцедес-АМГ.

Новиот рекорд беше постигнат на 23-ти септември, во 18:56 часот, во третиот мерен круг, при ремпература на воздух од 15 и на асфалтот од 20 степени Целзиусови.

Електричната поддршка и менаџирањето со нејзиното производство се темели врз истата технологија што им користи на Луис Хамилтон и Џорџ Расел во кралицата на мотоспортот. Посебно е важно сопирањето, затоа што притоа добиената енергија служи за забрзување веднаш на излезот на свијокот.

Енгел на места намерно го отпушташе гасот предвреме, за да добие енергија во батеријата и да обезбеди екстра моќност за забрзување. За тоа да се извежба до совршенство, тој имаше долги тренинзи на симулатор во Афалтербах.

Најбрз сериски автомобил на којшто сé уште смее да му се закачи регистерска таблица

Хиперавтомобилот на АМГ користи бензинец и четири електромотори, сите заедно со 1.063 КС. Од Ф1 потекнува и карбонскиот монокок, карбонската каросерија, моторот и менувачот што се носечки дел од каросеријата, како и активната аеродинамика и пуш-род подвозјето.

Задната оска користи хибриден, предната чисто електричен погон. Тоа секако обезбедува целосно варијабилен погон на сите тркала.

За рекордот беше избрана програмата „Рејс Плус“, што значи носот спуштен за 37 милиметри, опашот за 30 милиметри, активна аеродинамика, стегнато подвозје.

Возачот преку копче на воланот ги собира предните ламели на крилата и горниот аероелемент на двостепениот заден спојлер. Со тоа значително се смалува отпорот на воздух, што е важно за најбрзите делови од патеката. Во свијоци, овие елементи повторно се извлекуваат и обезбедуваат максимален потисок.

Мишелин по посебна нарачка ги изработи Пилот Спорт Куп 2 Р МО. Сопирањето секако дека е задача на керамички дискови.

Шестцилиндарецот во Ве, со зафатнина од 1,6 литар користи иста технологија како моторот во Ф1. Погонот на четирите брегасти вратила е преку челни запченици. За вентилите не се користат пружини, туку пневматика. Моторот врти до 11.000 вртежи во минута.

Посебност на моторот претставува и електричниот турбо полнач. Работната турбина и компресорот се раздвоени со вратило на коешто се наоѓа електромотор од 90 кВ. При пониски вртежи тој директно го задвижува вратилото на турбината и со тоа го забрзува компресорот до 100.000 вртежи, пред моторот да постигне доволно високи вртежи кога струењето на воздухот го презема задвижувањето на работната турбина. Тоа гарантира бурно повлекување уште од старт.

Турбополначот како генератор

Електричниот турбокомпресор исто така има задача, дел од вишокот енергија од издувните гасови да го искористи за генераторот да произведе струја. Таа или се акумулира во литиум-јон батеријата или веднаш се доведува до електричната предна оска, односно до електромоторот (МГУ-К + Мотор Генератор Јунит Кинетик) што работи заедно со бензинецот. Моќноста на МГУ-К изнесува 120 кВ. Овој електромотор е споен со коленастото вратило преку погон со челни запченици. Тоа е технологија од Ф1.

Шестцилиндарецот поседува два системи за впрскување. Едниот директно го впрскува горивото под притисок до 270 бари. Тоа се случува повеќепати за време на вшмукувачкиот такт. Вториот систем впрскува во вшмукувачката гранка и има за цел да обезбеди максимална моќност, а во исто време се грижи за емисијата да биде почиста.

Целосно варијабилен погон на сите тркала со предна оска со целосно електричен погон

Роторите на двата предни електромотори од по 120 кВ вртат до 50.000 пати во минута. Тие преку преносник се споени со предните тркала. Двата електромотори пренесуваат различен вртежен момент до тркалата, односно повеќе до надворешното тркало во свијок и помалку до внатрешното тркало. Тоа е врв за стабилноста.

Технологијата на батеријата од Мерцедес АМГ Петронас Ф1 се користи во АМГ Уан

Положбата на батериските ќелии и нивното ладење се исто како во Ф1. Нивниот број сепак е поголем тука. Батеријата располага со 8,4 кВч, што испорачува струја за 18,1 километри. Таа може да се наполни преку сопствениот полнач од 3,7 кВ.

Претходна објаваНовиот Џип Компас ќе нуди погон на сите тркала само во електричната изведба
Следна објаваРено изложува автомобил со погон на водород на салонот во Париз

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here