Додека кај стариот Cherokee дизајнот беше подреден на теренските можности, кај новиот модел, кој е воедно и наследник на моделот Liberty, во преден план доаѓа токму дизајнот.
Сличностите со стариот модел, со код XJ, се повеќе од очигледни. Всушност ова е толку некарактеристичен Jeep што ако ја немаше решеткастата предна маска би можело да се помисли дека станува збор за нов модел од некој сосема друг бренд на возило. На пример нов Pontiac Aztek?! Се претпоставуваше дека кога тогаш ќе дојде крајот за предимензионираните предни светла, но американскава интерпретација дојде некако наеднаш. Или сепак не.
Новиот Индијанец е предводник на нов и храбар дизајн. За американската дизајнерска школа ова е секако добредојден бран свежина. Очигледно целната група на потенцијални купувачи била на врвот од пиедесталот на цели при креирањето на овој модел. Иако донатор на платформата е заносната Giulietta, Jeep гордо изјавува дека дизајнот е 100% американски. Во техничкиот дел се очекуваше ваков потфат по превземањето на Chrysler и Jeep од страна на Fiat. Се чини дека здружувањето и користењето на одредени механички компоненти е единствен начин за опстанок во ова сурово време. На крајот, и не е толку важно кое чие е, се додека ја врши намената беспрекорно и одговара на концептот на возилото.
Новиот Cherokee секако е, во најмала рака, впечатливо возило и ни останува да се стрпиме додека ја преплива големата бара за да се убедиме во тврдењата од неговите креатори дека се работи за уште повозлив, поиздржлив, со поголема висина од подлогата, побрз и поштедлив Cherokee од било кога. Дека е технички навистина напреден сведочи и автоматскиот 8 степен менувач кој за првпат се користи кај Jeep. Дизајнот е секако прашање на вкус и можно е да има полемики, но околу теренските можности Jeep има премногу искуство и знаење за воопшто да се посомневаме.
[nggallery id=5]
Auto manijak 🙂 damjan