Jaguar XJ во одбрана од новата серија 7 на BMW

7. JAGUAR XJ, продадени примероци 882 (-17.6%)

Појавувањето на новиот знаменосец на Баварците ја раздвижува конкуренцијата во луксузниот сегмент. Jaguar реагира во одбрана со освежување на престижната лимузина XJ.

Британската марка со дивата мачка тврди дека нејзиниот XJ е најдинамичен и највпечатлив лимузински модел во престижниот сегмент. Но, истото го тврди и BMW со новата серија 7. За Jaguar да ги убеди купувачите сепак да се решат за нивниот XJ, моделот претрпе освежување во изгледот, доби последна генерација електронски системи, преработен трилитарски V6 дизел со 300 КС, неколку нови системи за асистенција и нови ставки во понудата на дополнителна опрема.

Каросеријата на XJ целосно е изработена од алуминиум, Jaguar е водечка марка во тој поглед

Основата на тврдењето дека XJ е најдинамична луксузна лимузина произлегува од каросеријата што стопроцентно е изработена од алуминиум. Дополнително на тоа доаѓа и фактот што Jaguar отсекогаш го негувал спортскиот имиџ на своите лимузини, особено вклучувајќи го знаменосецот XJ. Промените во изгледот се незначителни и се препознаваат првенствено во новите диодни светла. Маската е поголема и исправена вертикално, додека хромираните лајсни во отворите за воздух го нагласуваат сериозниот и престижен карактер на спортската лимузина.

Предните светла користат светлечки диоди за сите функции, со препознатлив дизајн на дневните светла
Предните светла користат светлечки диоди за сите функции, со препознатлив дизајн на дневните светла

Посебност на Jaguar XJ остануваат дневните светла, коишто постепено ја менуваат бојата од бела во портокалова кога ќе се вклучат трепкачите. Назад е сменета графиката на светлата, за XJ да биде уште попрепознатлив во уличната слика, вклучувајќи ги дифузорот во задниот браник којшто е нагласен со црна боја, новата хромирана лајсна и овалните издувни цевки.

Врвот на гамата е резервиран за новата моделска изведба Autobiography, со ексклузивни кожени облоги и скапоцени дрвени панели во ентериерот, какви што обично применуваат само најблагородните марки од островот. Најголемиот новитет во кокпитот е аудио-навигацискиот систем InControl Touch Pro, со навигација од врата до врата, едноставна поддршка за iOS и Android, бежичен интернет во кабината и врвно дигитално озвучување од реномираниот Meridian, со 26 звучници и моќност од 1.300 вати.

Дизелот сега располага со 300 КС и раскошен вртежен момент од 700 њутнметри

Трилитарскиот дизел е преработен, со моќност од 300 КС и вртежен момент од 700 њутнметри, но намалена потрошувачка на гориво и емисија на СО2. Електричното сервоуправување исто така е преработенo, со цел да се постигне уште поголема агилност и директност.

Моделска изведба R-Sport сега е достапна и во гамата на XJ, со триделен преден сплитер, проширени прагови, странични отвори за проветрување и заден спојлер. Решетката во маската и задниот дифузор се во црна боја. Спортскиот пакет го дополнуваат бандажи од 20 инчи и дизајн Venom, спортски седишта, спортски волан и финиш во кокпитот во сјајна црна боја. Хиерархијата во гамата сега е следнава: XJ Luxury, XJ Premium Luxury, XJ Portfolio, XJ R-Sport, XJR, XJ Autobiography.

Понудата од мотори ја сочинуваат 3,0-литарски V6 дизел со 300 КС, дволитарски турбобензинец со 240 КС, трилитарски V6 бензинец со 340 КС – по избор со погон на сите тркала – како и петлитарски V8 бензинец со 470, 510 и 550 КС. Големата спортска лимузина се произведува во фабриката на Jaguar во Касл Бромвич, заедно со купето и кабриолет F-Type и новата генерација на лимузина од вишата средна класа XF.

Претходна објаваPajero за практичари: Mitsubishi L200 во петтата генерација
Следна објаваОвој Range Rover се вози преку мобилен телефон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here