Мошне е корисно кога спортска лимузина во истиот пакет нуди и високо ниво на безбедност. Според Euro NCAP, новиот Jaguar XE била најбезбедна од сите лимузини на ланските тестови.
Од сите лимузини што лани биле подложени на строгите тестирања, конзорциумот Euro NCAP го прогласи Jaguar XE за најбезбедна лимузина во минатата година. Ова претставува големо признание за техничарите на британската спортска марка, кои со примената на алуминум во конструкцијата на каросеријата постигнаа ниска тежина, како еден од предусловите за динамичните возни својства на XE, но во исто време обезбедија и цврста структура што ги штити патниците од повреди во случај на незгода. Конкурентот на класата С на Mercedes и на Audi A4 веќе доби признанија за динамичните возни својства, а со последново признание од Euro NCAP се потврдува и безбедноста на XE.

Euro NCAP лани за првпат го воведе фронталниот судир со цела ширина на каросеријата. Jaguar XE поентираше пред конкурентите токму во оваа категорија на тестот. Експертите за безбедност на конзорциумот високо ги оценија и системите за активна и пасивна безбедност во британската спортска лимузина, вклучувајќи го системот за самостојно запирање при опасност од судир.
Вкупно шест лимузини од средната класа се најдоа на тестирање кај Euro NCAP лани и сите го постигнаа максимумот од пет ѕвездички, но според бодовите предничи Jaguar XE. Според експертите за безбедност, по британската лимузина следат Kia Optima, Renault Talisman, Audi A4, Toyota Avensis и Skoda Superb.
















