Застареното и сложено поврзување со паметни телефони е една од слабите точки на моделите на Jaguar. Новиот XE не само што ќе го надмине тоа, туку и ќе ги престигне конкурентите.
Jaguar планира со новиот XE да ги напаѓа конкурентите во средната класа и во поглед на поврзувањето со паметните телефони. Во лимузината ќе доживее премиера новиот систем за ракување „In Control“, којшто меѓу другото нуди и бројни интересни функции за поврзување. Најимпресивно звучат функциите за далечинско ракување. Вратите на пример ќе може да се отклучат преку мобилниот телефон, исто како и да се програмира вклучувањето на клима уредот. На некои пазари ќе биде понудена и можност за далечинско стартување на моторот. Дисплејот од мобилниот телефон целосно ќе се прикажува на дисплејот во кокпитот. Во тој случај, возачот може да користи различни апликации, како барање слободен паркинг или букирање хотелска соба. Новитет претставува и проекцискиот дисплеј со ласерска техника, којашто ги прикажува информациите со многу поостра слика и со повеќе детали.
Премиерата на конкурентот на серијата 3 на BMW и на Audi A4 е најавена за 8-ми септември во Лондон. Новиот XE ќе биде позициониран во понудата на Jaguarпод луксузниот XJ и моделот од вишата класа XF. За разлика од неславниот претходник X-Type од 2001 година, новиот XE нема да користи платформа од Ford Mondeo, туку ќе дели заедничка архитектура со идниот спортски теренец C-X17. Под хаубата ќе работат нови четирицилиндарски бензински и дизел мотори од генерацијата Ingenium. Овие мотори во иднина ќе се вградуваат и во другите модели на британската марка. Исто како поголемите модели, XE ќе има каросерија изработена во поголемиот дел од алуминиум, што од една страна ќе овозможи врвна динамика во возењето, а од друга страна ќе возврати со поголема економичност во возењето.
Видео од новиот систем за „инфотаинмент“ во Jaguar
http://youtu.be/5vmqx8dMlmQ
















