По рекордни 425.000 продадени возила лани и пораст од 14 проценти во првата половина од годинава, Jaguar Land Rover се соочува со недостиг на капацитети за покривање на побарувачката на пазарот.
За моделите Range Rover и Range Rover Sport моментно се чека најмалку по шест месеци за испорака на одредени пазари. Продукцијата на каросерите на обата модела во фабриката во Солихул, вклучувајќи ја продолжената верзија на Range Rover, не наидува на потешкотии, тесното грло се јавува единствено во лакирницата којашто нема доволно капацитет да го комплетира производствениот процес. Погонот за изработка на каросерии неодамна беше проширен, но очигледно е дека никој не се надеваше дека пазарот ќе наиде на толку голем интерес за британските модели, така што лакирницата е следното што мора итно да претрпи проширување.
Наскоро во Солихул ќе стартува и производството на новиот модел од средната класа XE, што уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата со испораката на возила. Менаџментот моментно размислува за изградба на дополнителни лакирници во фабриките во Хејлвуд и Касл Брумвич. Во секој случај, слатки се проблемите со коишто се соочуваат британските марки со богата традиција, но само доколку и пазарот, односно купувачите покажат доволно трпение додека им бидат испорачани возилата.
















