Производителот на Jaguar и Land Rover ги заштити авторските права на 29 нови моделски ознаки. Според информациите на магазинот auto motor und sport, меѓу ознаките се наоѓаат P-Type, T-Type, Stormer и Freestyle. Тоа навестува голема моделска офанзива и проширување на понудата на благородните марки од островот.
Бизнисот му врви одлично на британскиот Jaguar Land Rover. Спортското купе F-Type го живее духот на легендарниот предок E-Type, а марката не го пропушта и растечкиот сегмент на теренци, кадешто е присутна со F-Pace. Специјалистот за теренци, пак, неодамна го претстави Range Rover Velar со когошто се впушта во битка со BMW X6 и Mercedes GLE Coupe.
Како што денес објавува германскиот магазин auto motor und sport, концернот од островот подготвува уште помасовна моделска офанзива. Дури 29 нови моделски имиња и ознаки неодамна се регистрирани кај надлежните американски институции.
Jaguar ги има заштитено авторските права на кратенките P-Type, T-Type, XJS, C-XE, iXE, diXE, XEdi, XEi, CXF и CXJ, додека идните моделски имиња кај Land Rover гласат Westminster, Freestyle, Stormer, Sawtooth, Landmark, Range Rover Classic и Landy.
Магазинот посочува дека регистрирањето на овие моделски имиња не мора да значи и моментно лансирање на соодветни нови модели. Некои имиња се веќе познати од историјата на британските марки, како XJS, коешто го носеше големото купе на Jaguar во 1970-те години. Кратенката C, пак, користена е во поново време за концептните модели C-X16 и C-X75. Неколкуте означи во коишто се појавува „i“ би се однесувале на евентуални модели со погон на струја или со хибриден погон, претпоставува магазинот.
За новорегистрираните ознаки кај Land Rover, поверојатно е дека станува збор за специјални серии. Моделското име Landy е можно да се појави на наследникот на Defender.
















