Jaguar произведува автомобили уште од 1922 година и во овие речиси 100 години никогаш немале теренски модел во понудата. F-Pace ќе ја прекине оваа традиција. Неговото прво појавување беше на Тур де Франс.
Луѓето во Jaguar знаат многу добро како да го привлечат вниманието на јавноста. Прво, новата генерација на моделот од средната класа XE леташе над покривите на Лондон, обесен за хеликоптер, потоа концептниот автомобил C-X75 учествуваше во бркотница по затворени улици во Рим, а сега и првиот модел на теренски автомобил на британската марка се појавува премиерно пред јавноста на велосипедската трка Тур де Франс, долго пред официјалното деби за салонот во Франкфурт, во септември. Британската марка со беспрекорна традиција во изработката на спортски автомобили ја пушти својата идна автомобилска ѕвезда да стартува на легендарната трка заедно со професионалните велосипедисти Фабиан Канселара, Тони Мартин и Алберто Контадор. Маскиран прототип на Jaguar F-Pace се појави на 21-на етапа на трката како тимско возило на велосипедскиот тим Sky.
Дизајнот се ориентира според концептниот модел C-X17
Официјалната премиера на Jaguar F-Pace, без маскирана каросерија, ќе се случи во средината на септември на салонот во Франкфурт. Компактниот спортски теренец ќе се произведува во фабриката на Jaguar во британскиот Солихал и ќе стартува со продажба во почетокот на 2016 година. Моделот се базира на концептниот автомобил C-X17, кого што Jaguar го прикажа пред две години, исто така во Франкфурт. „Реакцијата за студијата беше толку бурна, што не ни преостана ништо друго освен да го реализираме спортскиот теренец“, открива главниот дизајнер Јан Калум.
Исто како останатите модели на Jaguar, теренецот поседува каросерија изработена од алуминиум, како главен адут со кого што моделот очекува да поентира пред конкурентите. Во поглед на дизајнот и димензиите, F-Pace се ориентира според студијата од Франкфурт, со должина од 4,70 метри и висина од 1,63 метар. Јан Калум: „F-Pace е инспириран од Jaguar F-Type и нуди единствена комбинација на дизајн инспириран од спортските возила на Jaguar со максимално практичен, просторен и квалитетен ентериер. F-Pace е нашиот спортски автомобил за семејството.“ Теренецот ќе остане како единствен избор за семејствата, затоа што со заминувањето на актуелниот XF ќе си замине и единствениот модел со комби каросерија во понудата на Британците.
Погон на сите тркала од специјалистот Land Rover
Погонот на сите тркала ќе биде стандард во сите моделски изведби – секако, развиен од марката сестра и специјалист за терен Land Rover – во комбинација со автоматски менувач со осум степени. Понудата на мотори е идентична со лимузината од средната класа XE, во којашто дебитираше новата генерација мотори Ingenium, произведувана во фабриката во Волверхемптон. Двата дизела со четири цилиндри, варијабилна геометрија на турбина и притисок на впрскување до 1.800 бари постигнуваат 163, односно 180 КС, при вртежен момент од 400 њутнметри. Според фабричките норми, потрошувачката ќе биде под пет литри. За спротивставување против силната конкуренција, во понудата ќе се приклучи и шестцилиндарски дизел со 250 КС. Понудата ја дополнуваат два бензинци со зафатнина од два литра, со турбонатполнење и моќност од 200, односно 240 КС, како и два бензински мотори V6, со компресорско натполнење и моќност од 340 и 380 КС. Почетната цена во серијата на компактниот теренец ќе изнесува околу 50.000 евра. Главни конкуренти на Jaguar F-Pace се Porsche Macan, BMW X3/X4 и Mercedes GLC – плус, моделот од сопствените редови, Range Rover Evoque.
















