Jaguar ќе произведува „нови“ олдтајмери од легендарниот XKSS

Марката со дивата мачка ќе ги надомести деветте примероци од XKSS кои изгореа во пожар во 1957 година. Мини-серијата ќе биде изработена рачно и од ново, а соодветно на тоа и цената ќе изнесува над еден милион фунти.

Девет нови примероци од Jaguar XKSS, моделот што историјата го помни како прв суперспортски автомобил во светот, ќе бидат изработени повторно, исти како оригиналот од 1957 година. Со овие девет примероци, спортската марка ќе ги надомести деветте примероци од XKSS кои изгореа во пожарот во фабриката на Jaguar во Браунс Лејн. Колекционерите ќе бидат одушевени од оваа идеја на Jaguar да го врати во живот моделот кој е особено ценет поради неговата реткост, исто како и поради неповторливиот дизајн.

На овој начин, британската марка конечно може да се посвети на својата долга и богата историја, што многуте претходни сопственици никогаш не го сторија. Jaguar Classic обезбедува и резервни делови, сервисни услуги и експертиза за постоечките олдтајмери и тоа секако ќе придонесе за марката да го врати своето место на автомобилската сцена.

jaguar xkss 3

Серијата од моделот XKSS првично беше замислена да се извезува на пазарот во САД, но само 16 примероци се изработија пред катастрофалниот пожар. По 59 години, Jaguar ќе ги врати во живот деветте „изгубени“ примероци од спортскиот модел и ќе им ги понуди на избрани колекционери и клиенти.

Марката веќе имаше еден ваков подвиг, со Lightweight E-Type. Искуствата стекнати во проектот ќе се користат за рачната изработка на деветте примероци од XKSS во „експерименталната работилница“ во Ворвик. Секој дел во возилото ќе се изработи верно на оригиналот од 1957 година, па не треба да изненадува и цената од преку еден милион фунти – по парче.

jaguar xkss 2

Славата на XKSS започна по трикратната серија победи на Jaguar D-Type на Леман во 1955, 1956 и 1957 година. По овој хет-трик, Сер Вилијам Лајонс на 14-ти јануари 1957 година реши да ги преработи преостанатите 25 примероци од тркачкиот D-Type во „цивилни“ возила, вклучувајќи неколку измени во каросеријата на возилото. Така се роди првиот суперспортски автомобил во светот.

XKSS доби нов и поголем ветробран, дополнителна врата на страната на совозачот, а беше отстранета и славната перка на D-Type зад возачкото седиште. Првите примероци од новата серија на Jaguar XKSS ќе бидат испорачани во почетокот на следната година.

Претходна објаваMercedes го пушта GLC Coupe како конкурент на X4
Следна објаваОва се светските автомобили на годината: Mazda, BMW, Audi, Toyota

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here