Престижната марка на Nissan постигна зголемување во продажбата од 77 проценти, со над 14.000 возила испорачани на европскиот пазар до октомври. Најголемиот удел го има Infiniti Q30, кој во основата е Mercedes A-Class во „јапонска“ верзија. Уште поголем поттик се очекува од кросоверот QX30.
Infiniti повеќе не е раритет на европските патишта. За десетте месеци од годинава, конкурентот на Lexus продаде 14.261 автомобили на пазарот во Европа, што претставува зголемување од фантастични 147 проценти во споредба со истиот период лани. Само во октомври се испорачани 1.085 возила од престижната марка на Nissan. Во целиот регион ЕМЕА, кој ги вклучува и Средниот Исток и Африка, најголема продажба постигна компактниот модел Q30, којшто како основа ја користи Mercedes A-Class, со 9.400 примероци.
Најголеми пазари за Infiniti во Западна Европа се Франција со близу 3.500 испорачани возила годинава и зголемување од 232%, по што следат Италија со 1.913 возила, Велика Британија (2.619 возила, +147%) и Германија со 1.794 возила (+125%).
Со новиот Q60, марката ги напаѓа серијата 4 на BMW и Audi A5 Coupe
Впечатливиот дизајн е тоа што најмногу ги привлекува купувачите во Infiniti. Со спортското купе Q60, коешто цели на серијата 4 на BMW и Audi A5 Coupe, исто како и со освежената лимузина Q50, кросоверот QX30 и компактот Q30, јапонската марка суверено напаѓа на европскиот пазар.
Добрите резултати од Европа се рефлектираат и во глобалната продажба на Infiniti. Од почетокот на годинава на светскиот пазар се продадоа 184.000 возила, што е раст од шест проценти во споредба со лани.
















