Најновиот британски производител на автомобили Ineos, преговара со концернот Daimler за купување на фабриката за Smart во Франција, откако мини-специјалистот планира да го пресели производството во Кина. Од фабриката во Хамбах во иднина ќе излегува ретро-модел во стил на Land Rover Defender.
Компанијата Ineos Automotive моментно го привлекува вниманието на сцената со својата верзија на Land Rover Defender, којашто многумина ја ценат како вистинско усовршување на концептот на легендарниот 4×4 модел, наспроти „лего-дефендер“ како што познавачите се потсмеваат околу вистинскиот наследник.
Сега пристига уште една убава вест од производителот на моделот Grenadier. Тие преговараат со германскиот концерн Daimler за преземање на фабриката за Smart во францускиот Хамбах, за којашто пред извесно време беше објавено дека стои на продажба. Оваа фабрика ќе послужи како замена за двата планирани погони на Ineos, едниот во Португалија за изработка на шасијата, а вториот во Велс, за завршна монтажа на возилата.
Ineos има дополнителна причина да се избори за фабриката на Smart, откако Daimler неодамна постави дополнителна производствена лента за голем СУВ-модел. Тоа ќе одговара за големиот Ineos Grenadier.
Британскиот производител уште нема донесено конечна одлука, но се верува дека Хамбах сепак ќе биде избран како локација за производство на новиот 4х4 во духот на вистинските теренци.
















