за

ID.7: Овој Volkswagen треба да ја запре Tesla Model 3

Електричниот пандан на Volkswagen Passat ја носи ознаката ID.7 и настапува во сегмент што е малку пополнет и убедува со досег до 700 километри.

По шест години, Volkswagen се враќа на саемот на потрошувачка електроника во Лас Вегас и доаѓа со модел од којшто се очекува многу. Електричниот Volkswagen ID.7 е лимузина и комби во класата на Passat, со техника позната од ID.3 и ID.4, со врвна аеродинамичност што му обезбедува досег како на автомобил со обичен погон.

Volkswagen ID.7 ќе направи вистинско шоу кога ќе се појави за својата премиера на салонот ЦЕС (Consumer Electronics Show) во Лас Вегас, на 5-ти јануари. Тоа е првата електрична лимузина на Volkswagen што е конструирана врз платформата MEB и за првиот голем настан годинава ќе користи специјално маскирање.

Каросеријата е лакирана во повеќе слоеви, во повеќе посебни подрачја, коишто можат да бидат осветлени. Оваа единствена технологија го симболизира големиот напредок што Volkswagen го донесува во подрачјето на дигитализацијата. ID.7 е топ-моделот во семејството на електрични модели од Волфсбург.

Изгледот на новиот модел се раководи според студијата ID.Aero од салонот во Кина. Главната задача при дизајнирањето беше да се постигне врвна аеродинамичност. Таа меѓу другото е заслужна за долгиот досег до 700 километри.

ID.7 е еден од десетте нови модели со електричен погон, што Volkswagen ќе ги пушти во продажба до 2026 година.

  • Голем дел од иновациите во ID.7 се вклучени во сериската опрема:
  • нов концепт на дисплеи
  • проекциски дисплеј со збогатена реалност (Augmented-Reality-Head-up-Display)
  • средишен дисплеј од 15 инчи (38 сантиметри)
  • нов начин на ракување со климата, со пристап веднаш од почетниот приказ на екранот
  • осветлени лизгачки полиња што реагираат на допир

Климатизацијата преку клучот од возилото познава кога возачот се приближува кон истото и автоматски се вклучува, за со време да ја излади или загрее кабината.

Уште една посебност е тоа што отворите за воздух се вртат автоматски, за на тој начин да се забрза ладењето или греењето на целата кабина. Системот реагира и на говорни команди, па кога ќе се каже, на пример, „Ало Volkswagen, дланките ми се студени!“ се вклучува греењето на воланот. Покрај тоа почнува да струи загреан воздух кон дланките.

Специјалното лакирање ќе им покажува на посетителите на ЦЕС во Лас Вегас дека Volkswagen ID.7 е интелигентно возило. Врз каросеријата се нанесени 40 слоеви лак, со тоа што едни делови од слојот се направени да пропуштаат струја, додека другите делови се неспроводливи. Вкупно 22 подрачја под завршниот лак се ставени под напон, за да светат. Тоа е електролуминисценција. Кога сето тоа ќе се поврзе со музички систем, ритамот на музиката се следи преку светнување на одделните подрачја.

Меѓуоскиното растојание изнесува 2,97 метри, тоа укажува дека во кабината на електричниот пандан на Volkswagen Passat ќе се ужива во исклучителна просторна понуда, како во модел од висока класа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Букурешт нарача 100 тролејбуси од Solaris, загадувањето нула

Mercedes-Benz 600, 230 SL, C-Class: Бројни јубилеи во 2023 година