Подолго време се наговестува дека Apple работи на сопствен автомобил. Електронскиот гигант сега изнајми патека за тестирање автономни возила што обично ја користат големите производители.
Од Apple обично не зборуваат за производите што се наоѓаат во развој. Но, во моментов има многу знаци што укажуваат дека електронскиот гигант работи на сопствен автомобил. Фирмата неодамна изнајмила патека за тестирање автомобили во Калифорнија. Станува збор за „Гоментум Стејшн“ некогашна воена база што е изградена во 1942 година и подоцна е пренаменета, за денес да биде најголема патека во светот за тестирање автономни возила. На видеото од центарот за развој на нови технологии на Honda во САД може да се види како изгледа патеката.
Неколку стотици инженери и дизајнери се ангажирани во развојот на iCar
Оддалеченоста меѓу патеката и главното седиште на Apple во Купертино изнесува помалку од 100 километри. Изнајмувањето на патеката е веќе јасен знак дека Apple има напредувано со развојот на својот автомобил многу повеќе отколку што досега се претпоставуваше. Уште од почетокот на годинава постојано има гласини дека Apple работи на автономно возило со електричен погон, што се развива под интерното име Титан. Се претпоставува дека во проектот се ангажирани околу 1.000 лица, вклучувајќи солидна бројка инженери и дизајнери.
Автомобилот на Apple би требало да е готов за продажба најдоцна до 2020 година. Џеф Вилијамс, висок менаџер во Apple, последен ги подгреа гласините дека неговата фирма работи на развој на автомобил, а неодамна се пројави и вест дека Apple наводно е заинтересиран да ја користи каросеријата од електричниот автомобил i3 на BMW, којашто во голем дел е изработена од карбон, заради компензација на тежината на акумулаторите.
















