Погонот со горивна ќелија, како совршен погон на иднината, докажува една од најголемите предности во споредба со актуелните возила на струја. Hyundai ix35 Fuel Cell со еден резервоар со водород минува исто колку обичен автомобил.
Hyundai ix35 Fuel Cell постави рекорд за најдолга тура на автомобил со погон на водород, минувајќи со еден резервоар 700 километри низ три држави. Рекордот го поставија независните еко-пионери од Норвешка, Мариус Борнстајн и Арнт Г. Хартвиг. Првиот електричен автомобил со погон на водород го совлада растојанието од Осло во Норвешка, преку шведските Малме и Гетеборг, до Копенхаген во Данска. Еко-возењето траеше 10 часови, со просечна брзина од 76 km/h по автопат и во град.
Според фабричката декларација на Hyundai, „водородниот“ ix35 минува 594 километри со еден резервоар водород, но очигледно е дека и оваа вредност можело да се надмине. Во април 2012, двајцата возачи патуваа од Осло до Монако, исто така со ix35 Fuel Cell, минувајќи растојание од 2.260 километри, со цел да ја докажат практичноста на погонот и растечката инфраструктура од станици за полнење водород на територијата на Европа. Во минатиот месец, во шведскиот Малме беше пуштена во работа првата станица за точење водород. Како дел од проектот HyFive (Hydrogen for innovative vehicles – водород за иновативни возила), неодамна во Малме беше пуштена во работа нова станица за точење водород, а во следниот период на клиенти во повеќе европски држави ќе им бидат ставени на располагање вкупно 110 возила со погон на водород, вклучувајќи и 75 возила од Hyundai.
















