Откако корејскиот гигант започна со продажба во европскиот регион во 1977 година, до денес се продадоа шест милиони возила на Hyundai. До првиот милион требаше да поминат 19 години, за шестиот само две години.
Инвестицијата од три милијарди евра во последните години, во изградба на фабрики, центри за развој на нови модели и општо инфраструктура, се исплатеше неколкукратно за Hyundai. Корејската марка го продаде шестмилионитиот автомобил во Европа. Речиси сто проценти од моделите што Hyundai ги продава на европскиот пазар се развиени во центарот во Германија, додека 90 проценти од возилата се произведуваат во двете фабрики во Чешка и Турција, со годишен капацитет од 300.000, односно 200.000 возила.
Присуството на Hyundai во Европа вработува 152.000 лица во регионот, директно во сопственото производство или кај добавувачите, како и во продажно сервисната мрежа и во другите сектори. Европската каса се наполни со 1,3 милијарда евра од данокот на Hyundai за 2012 година. Во истата година Корејците купија и компоненти произведени во Европа во вредност од 2 милијарди евра.
До 2017 година ќе се претстават 22 нови модели и каросериски изведби, во насока на остварувањето на целта – 5 проценти пазарно присуство на Hyundai до 2020 година.
Клучните датуми на Hyundai
1977: Првиот Hyundai е увезен во Европа
1997: Изградба на првата фабрика надвор од Кореја, во турскиот Измит
2000: Основан е Hyundai Motor Europe GmbH
2003: Отворен е центарот за развој и истражување и дизајн во Риселсхајм, Германија
2006: Се отвора централа на Hyundai Motor Europe во Офенбах, Германија
2008: Првиот i30 е произведен во Ношовице, Чешка
2013: Отворен е центар за тестирање во Нирбургринг, Германија; Основана е централа за мотоспорт со седиште во Алценау, Германија
















