за

Hyundai отвори тест центар во Нирбургринг

Нирбургринг е омилена патека за тестирање за производителите од цел свет. За предностите на патеката да ги искористи максимално, Hyundai отвори центар на лице место.

По 18-месечно планирање и изградба, корејскиот производител Hyundai вчера го отвори новиот центар за тестирање во непосредна близина на легендарната патека. „На Северниот Јазол долг 21 километар, со неговите 73 свијоци, висинска разлика до 300 метри и нагорнини до 17 степени, го имаме совршените предуслови за нашите возила да ги усогласиме со високите барања на европските возачи“, изјави Сеунг Бук Јанг, шеф на развојниот центар на Hyundai во германскиот град Риселсхајм.

На Нирбургринг, кого Германците го нарекуваат уште „Зелен пекол“, ќе се тестираат и усовршуваат новите модели од обете марки на концернот, Hyundai и Kia. Во тест центарот, кој е веднаш спроти долгите целни рамини на Северниот Јазол, постојано се вработени 15 лица, во објект со површина од 3.600 метри квадратни.

Корејците имаат цел на Нирбургринг да ги усовршат возилата за пазарите надвор од Азија со наизменични кратки оптоварувања и маратонски тестирања. Подвозјето, управувањето и однесувањето на возилото при сопирање ќе се дотеруваат според вкусот на европскиот возач, а за тоа се ангажирани повеќе професионални тест возачи, кои што преку многубројните трки ја познаваат патеката како сопствениот џеб.

Корејците моментно се петта најголема автомобилска марка во светот, со пазарен удел од 6,1 проценти, при што Hyundai постигнува 3,4 и Kia 2,7 проценти. Двете марки во минатата година продадоа 770.000 возила во Европа. Претходно се шпекулираше дека Hyundai ќе ја купи целата патека, откако претходниот концесионер падна под стечај.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибридниот Peugeot 208 троши 1,9 литар на сто километри

Renault продаде 10.000 примероци од електричниот Kangoo