Со проширувањето на фабриката во Турција, Hyundai го зголеми производството на возила во неговите европски фабрики на половина милион возила годишно.
Фабриката на Hyundai во Измит е најголемиот прооизводствен капацитет на компанијата надвор од територијата на Кореја и изградена е во 1997 година. Првично проектирана за 60.000 возила годишно, од 2007 година фабриката прво го зголеми производството на преку 120.000 возила, а со последната инвестиција, бројката се зголеми на 200.000 возила. Покрај новиот i20, во Турција ќе се произведува и новата генерација на популарниот градски автомобил i10.
Успехот на Hyundai во Турција, каде што досега се инвестирани повеќе од една милијарда евра, го охрабри корејскиот производител да отвори погони и во Чешка. Лоцирана во Ношовице, оваа фабрика произведе 114.000 возила во првата година. Оттогаш постојано се инвстираше во зголемување на капацитетите и фабриката денес работи со полна искористеност во три смени, со годишна продукција од 300.000 возила.
Повеќе од 90 проценти од возилата на марката кои што се продаваат во Европа се воедно и дизајнирани и развиени во Европа. Со последната инвестиција во Турција, 90 проценти од возилата што се продаваат во Европа исто така ќе бидат произведени во регионот. Третиот погон на Корејците е во Ст. Петерсбург, во Русија, каде што под целосна искористеност на капацитетите се постигнува годишна продукција на 150.000 возила за локалниот пазар и за Источна Европа.