за

Hyundai што се мести за трка со Porsche

И Корејците имаат купе за тркање. По освежувањето на Genesis Coupe, го имаат уште повеќе. Дволитарецот со турбонатолнење отсега впрегнува 272 место 214 КС, додека шестцилиндарецот во V, со зафатнина од 3,8 литри и директно впрскување, се луксузира со 347 КС, место со 303 КС. Во комбинација со мотор напред и погон назад, и со распределба на тежина 55:45, Genesis Coupe е во состојба целосно да ги искористи потенцијалите на своите мотори.

Моќност без наплата за експресна достава

Инженерите на Hyundai ја зголемија моќноста, но во исто време и ефикасноста на погонските единици. Интеркулерот на дволитарецот е зголемен за 53 проценти, а турбината користи технологија Twin-Scroll. Издувните гасови од моторот, кои ја придвижуваат турбината, се движат низ два одвоени канали, со што се избегнуваат осцилациите на притисокот, се подобрува реакцијата на моторот и ослободувањето на моќноста, а со тоа се намалува и потрошувачката. Покрај тоа, моторот користи варијабилно управување со вентилите CVVT, за обете брегасти вратила.

Како резултат од зголемената моќност, крајната брзина на Genesis Coupe 2.0T изнесува 236 место 222 километри на час, додека спринтот до темпо сто е скусен за 0,6 секунди и изнесува 7,4 секунди.

Сличен обем на подобрувања има и кај поголемиот мотор: Префрлување на директно впрскување, Dual-CVVT и варијабилна вшмукувачка гранка. Иако моќноста се зголеми за 14 проценти, потрошувачката остана на исто ниво, односно 10,7 литри на сто километри. Со новиот осумстепен автоматик, развиен во Hyundai, потрошувачката се смалува на 10,0 литри. Истовремено, моделот со автоматик забрзува за 0,2 секунди подобро до темпо сто, односно за 5,9 секунди. Подвозјето е приспособено за новата моќност на купето, а зголемени се и задните сопирачки дискови.

Новото моделско годиште се препознава лесно по шестаголната маска, која што е белег на дизајнот на Hyundai уште од воведувањето на ix35, како и по новата форма на светлата. Диодите во дневните светла и во задните светла веќе се подразбираат при секое моделско освежување.

Инженерите за ергономија го поправија пропустот, и сега Coupe поседува и длабинско местење на воланот. Неколку копчиња во средишната конзола се поставени попрегледно и подобро на дофат, додека во инструментите светка дисплеј со течни кристали.

Нивото на опременост исто така е комплетирано. Купето доаѓа со автоматика за светла и со темпомат, паркинг сензори, автоматска клима, кожа на воланот и на рачката на менувачот, осветлени алуминиумски прагови и сл. Моделот со шестцилиндарец уште повеќе се ориентира на луксуз, со пристап без клуч и стартување на копче, електрика за возачкото седиште, квалитетно озвучување, кожа на седиштата и неколку хромирани детали на каросеријата. Обата модела имаат бандажи од 19 инчи, со гуми 225/40 R19 напред и 245/40 R19 назад.

Цената на Genesis Coupe 2.0T на германскиот пазар, како еден од најголемите европски пазари за престижното купе, изнесува 33.490 евра, додека посилниот модел чини 39.600 евра. На македонскиот пазар моделот не се нуди официјално, но со доволно интерес може и тоа да се смени.

[nggallery id=14]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

3 Comments

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Оловна револуција

Тест на средства за полирање