за

Електричниот автомобил на Honda и Sony почнува со испорака во 2026

Заедничкиот електричен автомобил на Honda и Sony ќе стартува со испорака на пазарот во Северна Америка напролет во 2026 година.

Honda и јапонскиот гигант во електрониката Sony играат на голема карта со иднината на електричните возила во САД. Луксузниот модел со погон на струја што е развиен заеднички, ќе се произведува во фабрика на Honda во Северна Америка, а првите примероци ќе пристигнат кај сопствениците во 2026 година.

Sony Honda Mobility исто така планира да го извезува електричниот автомобил од Северна Америка во Јапонија. Се размислува и моделот да се понуди во Европа, меѓутоа плановите засега не се потврдени.

Менаџерите го најавуваат идниот електричен модел како автомобил од премиум категорија, којшто ќе изобилува со технологија од Sony. Секако дека тоа подразбира инфо-забавни системи, исто како и напреден софтвер и сензори во сите подрачја. Продажбата главно ќе се одвива онлајн.

Клучен пазар за моделот е Северна Америка, еден од најважните пазари на Honda, имајќи предвид дека САД напредува забрзано во развојот на електрични возила и во нивната прифатеност на пазарот. Големо влијание имаат и субвенциите и одредбите, што им даваат привилегии на елеткричните возила, посебно во Калифорнија.

Северна Америка ја одбираме од причина што таа напредува повеќе“, изјави извршниот директор на новата заедничка компанија, Јасухиде Мизуно. „Ценам дека Северна Америка е пазар со висока куповна моќ“, изјави менаџерот. „Електрификацијата се разликува од држава до држава, меѓутоа за нас е важно да го лансираме нашиот производ на пазари, како што е Калифорнија.“

Sony Honda Mobility не исклучува можност моделот во иднина да се произведува во Јапонија. Засега, Северна Америка останува главна производствена и продажна база

Испораките на домашниот пазар на Honda ќе започнат во втората половина од 2026 година. Новиот електричен автомобил ќе биде редок случај на извоз на американски производ во Јапонија, од страна на јапонска марка. Sony Honda Mobility ќе почне со нарачки за новиот автомобил во првата половина од 2025 година.

Ова спојување претставува прва голема соработка меѓу две светски прочуени јапонски марки, што доаѓаат од различни индустрии. Целта е да се совладаат предизвиците на новата мобилност, во услови кога автомобилската индустрија се соочува со коренити промени. Соработката меѓу Sony и Honda ќе биде во состојба да им се спротивстави на компаниите, како Tesla или Apple, коишто уште немаат постигнато цврста соработка со останатите индустрии.

Сакаме оваа компанија да ја поставиме како сосем нов производител на автомобили, што целосно ќе се разликлува од сé останато“, изјави Мизуно на брифингот во Токио. „Нашата цел не е да станеме обичен производител на автомобили, туку да прераснемер во нова компанија за технологија за мобилност, којашто ќе се заснова врз софтверска технологија.“

Објавено е видео што го најавува идниот автомобил. Светот ќе може да ја следи премиерата за време на Саемот на потрошувачка електроника во Лас Вегас, прочуениот ЦЕС, којшто почнува на 4-ти јануари. Мизуно не открива детали околу планираната продажба, цената и формата на каросеријата.

Бараме производ со висока додадена вредност, така што целта не ни е масовно производство“, објаснува Мизуно. Тој сепак посочи дека „висока додадена вредност“ значи ниво како на најскапите модели на Honda, на пример премиум лимузината Legend. Во Јапонија, моделот веќе користи систем за автопилотирано возење од Ниво 3.

Honda е задолжена за производството и за набавките на материјали и компоненти. Не се открива која фабрика ќе го проиизведува автомобилот, како и испорачателот на батериите

Компонентите ќе доаѓаат од постоечката мрежа на добавувачи на Honda. Батериите моментно пристигаат од LG и од General Motors, којшто има развиено батериски систем наречен Ultium.

Вестите од Токио пристигаат по најавата дека Honda ќе основа центар за производство на електрични возила во Охајо, САД, следејќи ја целта да го удвои производството на електрични автомобили. Плановите предвидуваат изградба на фабрика за батерии со јужнокорејскиот партнер LG, во вредност од 3,5 милијарди долари, како и трошок од 700 милиони долари за приспособување на погоните за производство на електрични автомобили.

Заедничката компанија со седиште во Токио, во којашто Sony и Honda учествуваат со рамномерен удел, беше објавена во почетокот на годинава. Оперативен директор е Изуми Каваниши, заменик на извршниот директор на Sony, додека Mizuno е кадар на Honda.

Sony Honda Mobility ќе ги соединува експертизата на Honda во инженерингот и производството, како и сервисирањето, додека силите на Sony се сензорите, телекомуникациите, надзорот и забавната електроника.

Honda во април објави дека ќе вложи 5 трилиони јени (37,16 милијарди долари) во следните 10 години, во насока на електрификација. Светкиот пазар ќе добие 30 целосно електрични модели од Honda. До 2030 година, фабриките ќе произведуваат по 2 миилиони електрични возила на годишно ниво.

Honda и Sony договорија соработка за електрични автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes најавува премиера на електричен GLE во Париз

Електрична Opel Mokka-e нема проблем со палење зиме