Спортската марка објави дека производството на NSX ќе се врши во Охајо, САД. Човекот што ќе раководи со завршниот развој на суперспортскиот модел на Honda е Тед Клаус. Моделот ќе се појави во продажба во 2015 година.
Фабриката во чија што изградба се инвестирани 70 милиони долари е трета по големина фабрика на Honda во Охајо и лоцирана е во близина на развојниот центар на марката. Моторите за NSX исто така ќе се произведуваат во Охајо, во фабриката во Ана. Honda објави и дека главниот инженер во развојниот центар во Америка, Тед Клаус, раководи со глобалниот тим кој го развива новиот NSX, додека Клемент Д’Соуза, главен инженер на Honda America, го води тимот кој го подготвува производството на Honda NSX во 2015 година.„Новата фабрика ќе биде исто толку уникатна како возилото што ќе го произведуваме тука“, изјави д’Соуза. „При планирањето на фабриката, темелно го анализиравме секој процес и направивме совршен спој на вештина на изработка и на технологија, со цел да воспоставиме нов пристап во производството.“
NSX ќе располага со иновативен погон и каросериска структура за да обезбеди уникатно чувство во возењето. Моторот V6 ќе биде поставен пред задната оска и ќе работи во комбинација со спортскиот хибриден погон на сите тркала SH-AWD. Моторот ќе го пренесува погонот на задните тркала, а предните тркала ќе добиваат погон од електромотор, со цел да се постигне досега невидено ниво на управливост. „Свесни сме за високите очекувања што ги имаат купувачите на луксузни автомобили и нашиот предизвик е да ги надминеме тие очекувања и да создадеме нова вредност за купувачот“, изјави Клаус.
Првата генерација на Honda NSX се произведуваше од 1990 година во фабриката на Honda во Такеназава, во Јапонија. Во почетокот на 2004 година производството се пресели во фабриката во Сузука и таму се произведуваше до 2005. Како дел од фабриката Точиги, Такеназава беше прв производствен погон во светот кој во голема серија изработуваше комплетно алуминиумска каросерија и воспостави баланс меѓу напредна производствена техника и рачна изработка.