за

Honda Civic Type R е новиот крал на Нирбургринг

Уште непојавен на пазарот, новиот Type R веќе им задава главоболки на тркачите меѓу компактите. Honda го извозе Нирбургринг за 7 минути и 43,8 секунди. Киџима-сан: „Таму кадешто останатите влегуваат со 150 km/h, Type R е побрз за 10 km/h благодарение на неговата одлична стабилност.“

Во Honda не умееја да се воздржат од предизвикот и го пуштија новиот Civic Type R во лов на рекорди на тркачката патека Нирбургринг одвај еден месец по премиерата на серискиот модел на салонот во Женева. На 3-ти април, жешкиот компакт го извозе предизвикувачкиот курс во Зелениот Пекол за 7 минути и 43,8 секунди. Тоа се близу седум секунди помалку во споредба со претходникот.

Јапонците практично ја развиваа целата десетта генерација на својот компакт раководејќи се според тркачката верзија, што значи дека секоја моделска изведба на новиот Civic во себе ги носи гените на Type R. Новакот е резултат од најскапата и најобемна развојна програма во историјата на Honda.

Type R е најбрзиот автомобил со преден погон на Нирбургринг

Повеќе фактори имаат заслуга за рекордот во класата на возила со преден погон. Срцето на Type R е дволитарец со турбонатполнење (и VTEC, секако), со моќност од 320 КС и вртежен момент од 400 њутнметри. Шестстепениот мануелен менувач е преработен, со покуси преносни односи во пониските степени, заради уште поубедливо забрзување. На тоа се надоврзува и аеродинамиката, којашто во значаен дел придонесува за стабилноста при високи брзини.

https://www.facebook.com/Automedia.mk/videos/1523267707725170/

Каросериската структура е за 16 килограми полесна од претходникот, при торзиска крутост зголемена за 38%. Последново придонесува во голема мера за директната управливост и стабилноста во свијоци. Задната оска со повеќе водилки исто така претпе зафати, за подобрување на стабилноста при сопирање и скрутување на подвозјето, што овозможува задоцнето сопирање пред свијок и повисока излезна брзина.

За 10 проценти побрз во свијок од останатите

Риуичи Каџима е главниот техничар за подвозјето на Honda Civic Type R. Каџима-сан објаснува каде се постигнати најзначајните подобрувања на Нирбургринг во споредба со претходниот модел: „Брзината во свијоци е повисока поради пошироката трага и пошироките гуми, подолгото меѓуоскино растојание, новата задна оска со повеќе водилки и оптимизираната аеродинамика. Возачите обично влегуваат со околу 150 km/h во свијокот по Мецгесфелд. Дури и во овој просечно брз свијок, брзината е повисока за околу 10 km/h, поради одличната стабилност на новиот Type R.“ Сосема јасно, Каџима-сан. Успехот се должи првенствено на способноста на Type R да ги совладува свијоците со повисока брзина.

Тежината на заштитниот кафез во кабината е компензирана со отстранување на задната клупа и радиото, а Type R го извозе рекордот со гуми оптимирани за тркачка патека, но сосем легални за користење во редовен сообраќај.

Производството на Type R за европскиот пазар ќе стартува в лето, во фабриката на Honda во Свиндон. Целиот светски пазар ќе се снабдува со тркачкиот Civic од фабриката во Велика Британија, вклучувајќи ги Јапонија и за првпат САД.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lynk & Co 01, Geely

Lynk & Co воведува шведско-кинеска револуција во браншата

Европскиот шампион Иџе ја тестира Seat Ateca