Honda Accord продолжува и во 2015 година

Honda Accord е шампион во противвредноста, не само со богатата опрема, туку и со моќниот мотор со 156 КС

Деновиве проструија шпекулации дека Honda ќе престане со продажба на Accord на европскиот пазар. Точната информација гласи: Accord останува и во следната година.

Наспроти информациите од непроверени извори, за популарниот модел на Honda од средната класа не постои ниту намера ниту потреба да се повлекува од Европа. Јапонците го продолжија моделскиот век на актуелниот Accord за нешто помалку од две години, од едноставна причина што во следниот период претстои комерцијализација на други стратешки важни модели на Honda и влезот на новата генерација на Accord само би довел до канибализација на моделските премиери на марката.

Менаџерите во Honda проценија дека продажбата на Accord ќе ја задржи одличната динамика и во следната година и пол, додека пазарот ги добива новите генерации на модели на јапонската марка. Цените на јапонскиот конкурент на класата С на Mercedes и на серијата 3 на BMW исто така ќе одиграат важна улога во натамошниот пазарен продор на Accord. Големата лимузина на Honda стартува од 19.990 евра, со познатиот дволитарец со 156 КС и со ниво на опрема Elegance, вклучувајќи меѓу другото ксенонски светла, автоматски двозонски клима уред и алу-бандажи. Во анализата на најдобар избор на модел во средната класа, Accord беше меѓу автомобилите со најдобра противвредност, што дополнително го поткрепува планот на Honda да го задржи моделот и во следната година и пол.

Моделската офанзива на Honda стартува веќе кон крајот на јуни или почетокот на јули, со премиерата на Civic Type R, по што следува малечкиот брат на CR-V, кросоверот HR-V, за на крајот да пристигне и новата генерација на Honda Jazz. Во меѓувреме се очекува и пристигање на фејслифтот на CR-V, вклучувајќи можност за комбинирање на 1,6-литарскиот дизел со 160 КС со погон на сите тркала.

Претходна објаваWebasto предвидува враќање на кабриолетите
Следна објаваДва нови члена во музејот на Volkswagen во Волфсбург

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here