Важен јубилеј за Honda, во 54-та година од основањето на компанијата е достигната продукција од 100 милиони автомобили. Уште е поимпресивен податокот дека 50 милиони автомобили се произведени само во последните 13 години. Но, има уште повеќе. Кога ќе се вбројат и мотоциклите, бродските мотори и другите производи, вкупната продукција на Honda достигнува 540 милиони единици.
Honda го започна производството на возила во 1963 година, со камионетот T360 како прв големосериски модел на марката излезен од фабриката во Саитама. Истата година Honda стартуваше со малечкиот спортски модел S500 во Хамамацу. Само една година подоцна, компанијата ги пресели сите свои производствени погони и персонал во новата фабрика во Сајама, за во истата веднаш да стартува производството на S600. Нови модели следуваа во низа и во 1967 година се појави легендарниот N360, прво мини на Honda.
Уште од основањето, компанијата секогаш беше посветена на глобалниот пазар. Првата фабрика надвор од Јапонија беше отворена во 1969 година, во Тајван, кадешто во соработка со локална компанија се произведуваа малечкиот автомобил N600 и мини-камионот TN360. На пазарот во САД, Honda е присутна со сопствена фабрика уште од 1982 година. Accord е првиот патнички автомобил од јапонска марка произведен на територијата на САД.
Денес производствената мрежа на Honda се состои од 34 фабрики во 18 држави. Звучната бројка од сто милиони произведени единици се случува во 54-та година откако Honda започна со производство на возила. Кога на оваа бројка ќе се приклучат и мотоциклите, наутичките мотори и слични производи, вкупната продукција на Honda достигнува импресивни 560 милиони единици.
Хронологија на клучните моменти во „стомилионската“ историја на Honda
| 1948 | Основање на Honda Motor Co., Ltd. |
| 1963 | Старт на производство на мини-камионот T360 во Саитама |
| 1969 | Започнува монтажата на N600 и TN360 во Тајван |
| Во Малезија започнува производство на N360 | |
| 1975 | Во Индонезија започнува производство на Civic и други модели |
| 1978 | Продукцијата достигнува 5 милиони автомобили |
| 1982 | САД започнуваат со производство на Accord |
| 1983 | Продукцијата достигнува 10 милиони автомобили |
| 1984 | Започнува производство на Accord во Тајланд |
| 1986 | Започнува производство на Accord во Канада |
| 1990 | Продукцијата достигнува 20 милиони автомобили |
| 1992 | Стартува производство на Accord во Велика Британија |
| 1994 | Започнува производството на Civic во Пакистан |
| 1995 | Продукцијата достигнува 30 милиони автомобили |
| Accord се произведува во Мексико | |
| 1997 | Civic се произведува во Бразил и Турција |
| Индија започнува со производство на City | |
| 1999 | Продукцијата достигнува 40 милиони автомобили |
| Започнува производство на Accord во Кина | |
| 2003 | Продукцијата достигнува 50 милиони автомобили |
| 2015 | Стартува производство на Accord во Нигерија |
| 2016 | Продукцијата достигнува 100 милиони автомобили |


















