Honda стартува со продажба на мини-родстерот S660 во Јапонија

Во салоните на Honda во Јапонија, од 2-ри април стартува со продажба мини-родстерот S660. Засега нема најави малечкиот спортист да се понуди на извозните пазари, но не се исклучува и таа можност.

Мотор вграден средишно, две седишта, распределба на тежина во сооднос 45/55, ниско тежиште и турбонатполнење – се чини дека Honda најавува нов суперспортски автомобил. Но, најавата некогаш може да наведе на погрешна претстава. Honda S660 според овие квалитети секако дека заслужува да се води како спортски автомобил, сé додека не се дојде до податокот дека моторот има три цилиндри, работна зафатнина од 660 сантиметри кубни и моќност од 64 турбо коњски сили.

[quote_box_right]Новиот мини-родстер на Honda спаѓа во категоријата на кеи-автомобили, коишто имаат високи даночни олеснувања на јапонскиот пазар. Поради големиот интерес на купувачите, јапонските марки постигнуваат вистински чуда во кеи-категоријата, за уживањето во возењето да не изостане.[/quote_box_right]

Инженерите на Honda развија посебен турбополнач за мини-родстерот, којшто овозможува моторот да повлече рано и да понуди максимално уживање во возењето. Менувачот со шест степени исто така е развиен посебно за S660, а како опција се нуди и менувач со променлив преносен однос CVT. Јапонците планираат месечно да продаваат по 800 примероци од S660 на домашниот пазар, со цена за основниот модел од околу 15.000 евра. Посебно за пазарниот старт, Honda ја нуди и специјалната серија Concept Edition, ограничена на 660 примероци и со цена од околу 18.000 евра.

Постојат гласини дека се работи и на верзија со трицилиндарец со работна зафатнина од 1,0 литар, турбонатполнење и моќност меѓу 100 и 130 КС, којашто би била наменета за извозните пазари.

Претходна објаваMcLaren ја започнува новата серија модели со 570S Coupe
Следна објаваПрактикантите во Volkswagen подготвуваат Super-GTI за Вертерзе‘15

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here