за

Honda се враќа како ѕвезда на јапонската автоиндустрија

Со генијални мотори и спортски модели од ранг на Ferrari, оваа марка беше гордоста на производството на автомобили на Истокот. По куса пауза, Honda повторно го добива стариот сјај.

Ова име некогаш беше на врвот во автоиндустријата. На крајот на 1980-те и почетокот на 1990-те години, Honda доминираше со своите мотори во формула 1, освои шест шампионски титули и во соработка со Аиртон Сена го разви суперспортскиот модел NSX. Тоа е првиот спортски автомобил од Јапонија од сериско производство што можел да застане рамо до рамо со Ferrari.

Во тоа време Honda важеше како инженерска компанија. Единствено BMW и Toyota освојуваа повеќе трофеи на изборот за „Мотор на годината“. Техничарите на Honda со варијабилното управување со вентилите VTEC беа светлосни години пред нивните колеги од конкурентските марки. Моделот Insight е првиот хибриден автомобили во САД, долго пред Toyota Prius. Системите за помош при сопирање и управување исто така доживеаја премиера во сериските автомобили на Honda.

Honda е јапонскиот Mercedes

Со врвна техника, беспрекорна изработка и цена над другите, Honda го стекна реномето на јапонски Mercedes. Потоа следуваше светската финансиска криза. На крајот на 2008 година Honda се повлече од формула 1, а во исто време беше откажан и развојот на наследникот на NSX. Марката мораше да се научи на штедење, откажување и скусување. Додека Toyota се профилираше како пионер на хибридниот погон, а Nissan и Lexus се вооружија со GT-R и LFA, се чинеше дека Honda нема сила да се спротивстави на конкуренцијата.

Секако дека тоа е само привидна ситуација. Honda и натаму е најголем производител на мотори во светот. Како производител на мотоцикли и скутери, вонбродски мотори и моторизирани градинарски машини, Honda ги остава во сенка сите други автомобилски марки. Бројките се одлични и во матичниот бизнис со автомобили. Во 2012 година Honda продаде 3,8 милиони автомобили во светот, колку никогаш претходно. Изгледите се дека и во оваа година ќе биде поставен нов рекорд.

За новиот Jazz, односно Fit во Јапонија, ќе мораме да почекаме до 2015 година. Актуелниот модел кај нас се нуди за 11.490 евра. Тоа е една од оние понуди пред генерациските смени што не смеат да се пропуштат.
За новиот Jazz, односно Fit во Јапонија, ќе мораме да почекаме до 2015 година. Актуелниот модел кај нас се нуди за 11.490 евра. Тоа е една од оние понуди пред генерациските смени што не смеат да се пропуштат.

По неколкуте утки на менаџментот, по глобалната финансиска и економска криза и по катастрофата во Фукуџима следуваат подобри времиња и за Honda. Најголема надеж во продажбата е новата генерација на Honda Jazz, моделот што во Јапонија ја носи ознаката Fit и на матичниот пазар се продава од пред само неколку недели. Фабриката буквално не може да достаса да ја покрие побарувачката за моделот. Другата страна на медалот во овој успех на Jazz е тоа што моделот ќе пристигне на европскиот пазар дури во 2015 година.

Помал од Polo, а со поголема кабина од Golf

Овој миниван не е поголем од Polo, но внатре нуди повеќе простор од Golf. Новиот Jazz е попривлечен од актуелниот модел и има голем новитет во погонот: 1,5-литарски бензинец со 110 КС во комбинација со електромотор со 30 КС и седумстепен менувач со двојна спојка обезбедуваат врвна штедливост во возењето без потреба возачот да се откажува од динамиката во возењето. Според јапонските норми, хибридниот Jazz троши 3,2 литри бензин на сто километри. Инженерите на Honda тврдат дека моментно не постои поштедлив мотор со внатрешно согорување меѓу јапонските марки.

Vezel е првиот модел од класата на малите теренци што ќе биде достапен со хибриден погон
Vezel е првиот модел од класата на малите теренци што ќе биде достапен со хибриден погон

На истата платформа од Jazz се базира и втората голема надеж на Honda. Станува збор за малечок теренец кој што на јапонскиот пазар почна да се продава под ознаката Vezel и кој исто така ќе пристигне во Европа во 2015 година. Како прв модел во лигата на Opel Mokka и Renault Captur теренецот на Honda ќе се нуди со хибриден погон.

Преку 280 КС и рекорд за преден погон на Нирбургринг за следниот Type R. Само еден е кралот.
Преку 280 КС и рекорд за преден погон на Нирбургринг за следниот Type R. Само еден е кралот.

Додека новиот Jazz и компактниот теренец Vezel се модели што ќе се продадат во големи серии, Honda подготвува и два модела што ќе бидат задолжени за светнувањето на имиџот на марката, како и за уживање во возењето. За марката да го врати емотивниот набој, планирано е враќање во формула 1 и учество во светскиот шампионат со туристички автомобили, но ќе има и вистински спортски модели од највисоката лига.

BMW i8 од Јапонија

Наследникот на NSX созрева со својот агилен хибриден погон, а неколку класи подолу чека и новиот Civic Type-R. Моторот на Type-R преоѓа на турбонатполнење место на принципот со високи вртежи и ветува многу. Кога народскиот спортист ќе почне да се продава, под хаубата ќе работи мотор со најмалку 280 КС. Целта на инженерите е Type-R да постави нов рекорд за возила со преден погон на Нирбургринг.

Хибридниот погон на новиот NSX ќе ги користи електромоторите за поголема динамика во возењето место само за штедење. Очекувањата се големи
Хибридниот погон на новиот NSX ќе ги користи електромоторите за поголема динамика во возењето место само за штедење. Очекувањата се големи

Како сето тоа да е недоволно, Honda планира на јапонскиот пазар да го понуди и новото издание на родстерот S2000. Отворениот спортист ќе биде за два броја помал од претходникот, како што Honda покажа со студијата S 660 од последниот салон во Токио. Моторот во родстерот ќе има зафатнина од 660 сантиметри кубни, што значи дека тој ќе припаѓа во повластената категорија возила на јапонскиот пазар.

За следната година претстои само европска комерцијализација на комбито Civic Tourer. Но, затоа во 2015 следува вистински огномет од модели
За следната година претстои само европска комерцијализација на комбито Civic Tourer. Но, затоа во 2015 следува вистински огномет од модели

Најголемите новитети за Европа следуваат дури во 2015 година. Единствената комерцијализација што претстои за 2014 е комбито Civic Tourer. Со него Honda се враќа по пауза од 15 години со комби модел во компакт сегментот. Тоа е токму во категоријата на возила што бележи најголем пораст во продажбата на европскиот пазар. Актуелен на македонскиот пазар е дизелскиот мотор во новата генерација на компактниот теренец CR-V, кој со промотивниот попуст од 3.000 евра чини 25.990 евра. Истиот мотор 1.6 i-DTEC работи и во Civic, каде во нивото на опрема Comfort компактот чини 20.990 евра. Понудата на Honda почнува со моделот Jazz 1.2i Trend со 90 КС и цена од 11.490 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Скопје е повеќе загадено од Париз, Мадрид и Берлин заедно

Сиромаштијата ги остави Грците без автомобил