Трендот на продажбата на возилата од марката Haval на рускиот пазар продолжува стрмно угоре. Само во август, кинеската СУВ-марка испорачала 2.373 возила во Русија.
Продажбата на марката Haval во Русија во минатиот месец забележала раст од 37 проценти во споредба со истиот месец лани. За силниот растечки тренд, наспроти опаѓањето во продажбата на повеќето традиционални марки, меѓу другото е заслужен и новиот модел Jolion. Кросоверот од компакт класата моментно е најпродаван модел на Haval на рускиот пазар.
Вкупно од јануари до крајот на август, кинеската марка продала на пазарот во Русија за 111% повеќе возила, отколку во истиот период лани, односно вкупно 21.540 возила (10.225 возила лани).
Новиот компактен кросовер Haval Jolion стартуваше со продажба во Русија во средината на мај и веќе неколку месеци е најпродаван модел на марката. Во август, од овој модел беа продадени 694 примероци. Според производителот, популарноста на моделот се темели врз добрата противвредност, комфорот, безбедноста и високото технолошко ниво. Haval го произведува моделот локално, во фабриката во Тула, и најавува зголемување на продукцијата, заради излегување во пресрет на големата побарувачка.
Во продажбата само малку заостанува кросоверот Haval F7, со 655 примероци испорачани во Русија во минатиот месец. Неговата купе-изведба Haval F7x следи со 486 продадени примероци.
Македонскиот увозник Толту Моторс најавува дека во следните месеци ќе има важна новина во понудата од модели, но засега е тајна кој ќе биде тој модел. Возилата од кинеските производители напредуваат со многу поголема брзина отколку што сцената може да претпостави. Лани на тест го имавме Haval H6, кој е бестселер на СУВ-марката во светски рамки и впечатоците беа крајно позитивни.
Во меѓувреме на македонскиот пазар имаме и електричен СУВ, Seres 3, кој минатиот месец беше на темелно тестирање во Аутомедиа, а тој ни беше воедно и одличен превоз при репортажата по целото течение на Треска, што наскоро ќе може да се прочита на вашиот омилен портал Аутомедиа.мк.