за

Грејт Вол Мотор први Кинези што произведуваат електрични возила надвор од Кина

Концернот на Хавал и Тенк е прва кинеска компанија што произведува електрични автомобили во фабрика во странство.

Грејт Вол Мотор можат да бидат спокојни дека ЕУ нема да ги оптовари нивните возила со казнени царини, затоа што со овој чекор се потврдува дека компанијата – патем една од ретките во земјата што е во приватна сопственост – не добива пари од Пекинг, за своите возила да ги продава поевтино низ светот. ГВМ почна да ги произведува своите електрични модели и во Тајланд.

ГВМ несомнено ќе освои нови симпатии со најновата пресвртница во своето работење. Концернот на Хавал, почна да го произведува електричниот компакт ГМВ Ора 03, познат и како ГМВ Ора Гуд Кет, во својата фабрика во Тајланд.

Ова е првпат кинеска компанија да произведува електрични автомобили надвор од Кина, во големосериско производство. Тајландската фабрика на ГВМ се наоѓа во близина на Рајонг, приморско гратче на источниот брег на Тајландскиот Залив. Фабриката до 2020 година беше во сопственост на американскиот гигант Џенерал Моторс.

Концернот Грејт Вол Мотор со овој чекор докажува дека планот за пошироко присуство на светската автомобилска сцена е сосем издржан, и веќе се реализира. Кинеските компании во моментов се на нишан на ЕУ, поради сомневање дека тамошните производители добиваат масивна парична помош од државата, што потоа им овозможува своите главно електрични возила да ги продаваат поевтино од конкуренцијата.

Тоа се смета како прекршување на правилата на фер трговија и ЕУ веројатно ќе воведе казнени царини, за цената на електричните автомобили од Кина да се изедначи со моделите од европските или американските производители.

Сега е сосем јасно дека ГВМ е способен да произведува возила со хибриден, приклучен хибриден и целосно електричен погон надвор од Кина, затоа што концернот не зависи од помошта од Пекинг.

Производителот на батерии С-Волт е дел од Грејт Вол

С-Волт е клучен играч во холдингот ГВМ и главен снабдувач е со батерии за ГВМ Ора 03 што се произведува во Тајланд. Ова стратешко партнерство има влијание и надвор од концернот ГВМ, затоа што С-Волт испорачува батерии на уште неколку автомобилски компании, меѓу кои концернот Стелантис, Џили, Донгфенг, СФ Моторс, Лип Мотор и Хозон Ауто.

Планираната фабрика за батерии во Тајланд ќе располага со капацитет за 60.000 автомобили годишно.

ГВМ стартуваше во Тајланд во ноември 2020 година, како прва целосно кинеска авто-компанија што влегува на тамошниот пазар.

Во мај 2021 година, од фабриката во Рајонг почна да излегува првиот модел на ГВМ со хибриден погон. Кинескиот концерн воедно вложува и во изградбата на мрежа од полначи во земјата.

ГВМ Ора 03 од стартот на продажбата на 29-ти октомври 2021 година се продаде во повеќе од 10.000 примероци во Тајланд и постигна солиден удел на пазарот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Големите попусти може да ги уништат автомобилските компании, вели шефот на Стелантис

ФИАТ ќе ја прави кампањата за електричниот „500“ во САД по пример на Најк