за

ФИАТ ќе ја прави кампањата за електричниот „500“ во САД по пример на Најк

Фиат ќе го следи примерот од Најк и ќе привлекува внимание со ненадејни лансирања на модели во САД.

Фиат има намера да лансира разновидни верзии од електричниот 500 на истиот начин на којшто марките спортски обувки ја загреваат сцената за своите производи.

Најк има практика редовно да го размрда светот на спортските обувки, кога ќе пушти „шок дропс“ за своите најжешки производи, како Ер Џордан, без претходно да го најави тоа на својата апликација.

Овие ненадејни акции поттикнуваат навала кај купувачите, кои си поставуаат предизвик да си обезбедат примерок од обувките уште пред официјално да почне нивната продажба. Во текот на акцијата, многумина од купувачите се фалат по друштвените мрежи, дека си купиле пар пред да биде распродадена целата серија.

Создавањето врева и јуришот за купување обувки е едно, но дали истото може да биде делотворно кај автомобил што во САД се продава по цена од 34.000 долари?

Фиат ќе примени слична „дроп“ метода за идните верзии на својот електричен 500е. Најновото поколение на „чинчвеченто“ постигнува изненадувачки успех во Европа и најпродаван е во сегментот на градските автомобили со погон на струја. Во текот на првото тромесечје, Фиат 500е почнува со продажба и во САД. Тоа ќе биде единствениот модел што италијанската марка ќе го нуди отсега од другата страна на барата.

Шефот на Фиат за Северна Америка, Амир Ахмед, вели дека 500е не е традиционален автомобил и поради тоа марката не може да се потпира врз вообичаените ТВ-кампањи. Компанијата бара начин да ја врати свежата енергија, со којашто Фиат Крајслер Аутомобилс го привлекуваше вниманието, кога италијанската марка пред повеќе од една деценија стартуваше повторно на пазарот во САД.

При лансирањето на нашите модели ќе се раководиме повеќе според модната бранша и марките облека,“ изјави Ахмед за Аутомотив Њуз. „Причината е што тоа повеќе одговара за дигиталните кампањи, отколку што може да се постигне преку автомобилските салони. Не можам да дозволам да претставуваме нова верзија од моделот на автомобилски салон на секои неколку месеци. Тоа е неодржливо. Ќе најдеме креативни начини за тоа да го направиме по дигитален пат.“

Ахмед го презеде раководењето со Фиат во Северна Америка во минатото лето и смета дека марката не треба да ги следи нормите. Тој расговарал со извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, и со глобалниот извршен директор на Фиат, Оливие Франсоа, за начините да се биде креативен со 500е.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FIAT USA (@fiatusa)

Фиат се потпира на дигиталниот свет со својот нов Фиат Лајф Стор, што на купувачите им овозможува да купат автомобил без да посетат салон на марката. Тие во постапката на купување можат да се консултираат со Фиат Гениј. Идејата е инспирирана од Епл, каде што вработените во продавниците се нарекуваат „гениј“.

Ахмед има долга историја на работа во Фиат, пред да го преземе кормилото. Тој почна да работи уште во времето на Крајслер Груп, во 2011 година, кога беше ангажиран да работи на инфо-забавниот систем Јуконект, што требаше да се вградува и во возилата на Фиат.

Индо-Американец од второ колено, тој во младоста ги минувал зимските и летните одмори во Индија. Меѓу неговите најрани сеќавања се такси возилата Фиат на аеродромот во Мумбаи.

Американците веќе го поистоветуваат дизајнот на 500 со Италија, кажува Ахмед, и марката сега треба да создаде приказна околу тоа колку добар автомобил е 500е.

Тој во изминатите недели го возеше 500е во зимските услови во Мичиген и досега има поминато повеќе од 700 милји, што одговара на околу 1.100 километри. Ахмед кажува дека без каков било проблем минал низ неодамнешното невреме.

Шефот вели дека 500е, со досег од 149 милји (240 километри) ќе биде еден од најдостапните ЕВ на пазарот. Тој очекува дека главнината од возилата ќе се продаде на домаќинства што веќе имаат неколку други возила и 500е ќе го користат за покуси патувања, кога сакаат својот поголем автомобил со класичен мотор да го остават во гаража.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Грејт Вол Мотор први Кинези што произведуваат електрични возила надвор од Кина

Фолксваген ИД.7: Не е само уште една домашна премиера на електричен автомобил