за

Фолксваген ИД.7: Не е само уште една домашна премиера на електричен автомобил

Електричниот погон е цел свет во Порше Македонија. Директорот Муцунски: „Ќе направиме сé, да бидеме не само пионери, туку и подржувачи на електричната револуција.“

Камелија Кец, новата продукт менаџерка за Фолксваген, детално го претстави електричниот знаменосец

Вложувањето внимание и средства во електричните автомобили е добра работа. Пристигањето на знаменосецот во понудата од електрични возила на Фолксваген на македонскиот пазар води кон еден ист заклучок.

Електричната енергија во салоните на Порше Македонија доаѓа од горе, од сонцето. На покривот на центарот што ги вдомува марките од концернот Фолксваген е поставена цела „фабрика“ од соларни панели што произведуваат струја. Неколкуте дузини полначи со коишто располага центарот, за своите клиенти и за своите демо возила, но и за намерници кои навигацијата ги води до единствените брзи полначи во Скопје, исто така добиваат енергија од панелите што дури и не се гледаат оздола.

Прв беше Фолксваген ИД.3, брзо по него следеше честопати попривлечната СУВ-изведба ИД.4, а по неа и купе-СУВ изведбата ИД.5. Порше Македонија во меѓувреме организираше тест-возење за својата гама од целосно електрични модели. Останатите марки, покрај матичната марка Фолксваген, исто така доживеаја свои електрични премиери. Пред извесно време, во салонот на Шкода беше претставен Ениак, еден од поприсутните модели на сцената – во Европа. Во Ауди, досега неколку е-трони си заминаа од салон.

Порше, кумовската марка на нашиот Порше Македонија, веќе двапати организира „експериенс тури“ во коишто не отсуствува целосно електричниот Тајкан. Во Скопје, неколку такси возила со знакот на Фолксваген се во служба на превоз на граѓаните – возејќи на струја. Прокредит Банка веќе има традиција на користење електрични модели на Фолксваген во возниот парк. Неколку електрични модели веќе се најдоа и на тест-возење во Аутомедиа. Нешто недостига?

Единственото што недостига не е задача што им е останата да ја завршат увозниците или производителите, туку недостига издржана и долгорочна стратегија на развој на автомобилскиот пазар. Затоа и денешното претставување на уште еден нов електричен автомобил во понудата на македонскиот пазар, покажува уште појасно во правецот на кои било денешни и утрешни власти, за и таа решавачка страна да се вклучи во поимот на денешницата, „еко-систем“, што за некои е само поим, а за некои е постигнување.

Директорот на Порше Македонија, Златко Муцунски, денес имаше јасна порака, на почетокот на претставувањето на новиот Ај-Ди пред новинарите: „Цврсто сме одлучени и детерминирани дека електричната иднина на автомобилизмот постои, дури и во Македонија, и ќе направиме сé што е во наша моќ, да бидеме не само пионери, туку и сериозни подржувачи на електричната револуција на автомобилската индустрија во Македонија.“

Целата порака на Муцунски има дополнителна тежина, кога ќе се земе предвид сопствената фотоволтаична централа што го снабдува центарот на Порше со зелена струја, па и кога ќе се има предвид дека се вложени стотици илјади евра само во турбо-брзите полначи, на коишто честопати може да се видат силни и скапи автомобили до странски регистерски ознаки, што навигацијата ги донела тука, да наполнат батерија брзо и да го продолжат патешествието спокојно.

Тоа се храбри потези од страна на Порше, коишто на компанијата само дополнително ѝ ја потврдија пионерската заслуга за електромобилноста. Во таа смисла, пионер може да биде само еден, историјата не признава и не помни два пионери.

Фолксваген ИД.7 е знаменосец во електричната гама на Волфсбург, по ИД.3, ИД.4, ИД.5, вклучувајќи ги и нивните изведби Ге Те Икс. Постои и „шестка“, меѓутоа моделот се нуди само во Кина. Како што објасни продукт менаџерката Камелија Кец, каросеријата се одликува со врвна аеродинамичност, што дозволува и досегот да биде поголем. Порше очекува наскоро во гамата да се придружи и изведба со батерија од 82 кВч, со којашто досегот ќе се продолжи на 700 километри.

Причината зошто Волфсбург толку го нагласува долгиот досег на ИД.7 е токму позиционирањето на моделот како автомобил од бизнис класата. Во основа, „седумката“ е позиционирана исто како традиционалниот Пасат, меѓутоа во поглед на погонот и во нагласокот на технологијата, ИД.7 поаѓа по сосем друг пат.

Електромоторот е со моќност од 210 кВ, односно 286 КС, а вртежниот момент е на ниво на трилитарски дизел, со 545 њутнметри. Каросеријата е долга близу пет метри, празно возило тежи околу 2,2 тони. Практичноста и просторноста се доблест на е-возилата, па и ИД.7 не отстапува: Багажникот нуди 532 литри, односно 1,6 метар кубен со соборена клупа.

Спринтот трае 6,5 секунди, брзината е ограничена на 180 км/ч. Со батерија со нето 77 кВч, седумката според фабрика минува до 621 километар. Доколку возењето е само во град, тогаш може да се смета и на досег до 774 километри.

При користење брз полнач со 175 кВ, наполнетост од 80 проценти се постигнува за 28 минути. Доколку се користи обичен домашен полнач од 11 кВ, тогаш ќе мора да се причека цела ноќ, односно 480 минути, за 100-процентна наполнетост.

Цената на основната моделска изведба изнесува 69.692 евра. Субвенции, ослободување од данок, каква било интервенција од страна на властите, не постојат. Државата единствено се откажува од наплата на акциза, односно данок на луксуз.

Заклучокот од денешната презентација најверодостојно го кажа бренд менаџерот Александар Цветковски: „Мора да заклучиме, сакале или не, времето лета кон 2035-та. Додека да се свртиме, нема да има што да се купи ново, освен електричен автомобил, и работата мора да се започне на време“.

И уште едно навраќање до почетокот, до воведот. Вложувањето внимание и средства во електричните автомобили е добра работа. Порше го прави токму тоа, нема ништо лошо или погрешно во тоа.

Фолксваген ИД.7 во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Volkswagen ID.7 Pro

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ФИАТ ќе ја прави кампањата за електричниот „500“ во САД по пример на Најк

Четири титули за Киа во изборот на британски Вот Кар