Кинеската марка со силен пробив на европскиот пазар деновиве има промоција на новите модели во Скопје. Возилата беа изложени пред Сити Мол, реакцијата на публиката е изненадувачка.
Полека доаѓа времето кога ќе почнеме да ги разликуваме кинеските марки, место да ги ставаме во ист кош. Great Wall моторс досега повеќе пати се има издвоено од вообичаениот стереотип за кинеските автомобили, со моделите како Voleex, Steed или Hover H6. Имиџот на марката кој се темели на симпатичниот изглед на возилата и одмерените цени доведе кон следната фаза од развојот на Great Wall. Кинезите деновиве ги претставуваат новитетите во гамата, трендовскиот Voleex C20R и кросоверот Hover H6.
Секако дека интересот на публиката пред Сити Мол, каде што беа изложени возилата, прво се ориентира кон големиот кросовер, кој привлекува со изгледот, но и со понудата на дизелскиот мотор со 143 КС. Моделот што им конкурира на компактните теренци и кросовери од типот на Volkswagen Tiguan или Renault Koleos се продава во основната верзија за 18.890 евра. Овој модел со погон на две тркала и мотор што е базиран на TDI на Volkswagen постигнува просечна потрошувачка од 6,2 литри и крајна брзина од 180 km/h. Верзијата со погон на сите тркала, исто така во основното ниво на опрема, чини 20.950 евра. Освен во основното ниво на опрема One, Hover H6 се нуди во уште две нивоа на опрема, Star и Premium.
Вториот новитет е „теренската“ варијанта на Voleex, со неколку сантиметри поголемо растојание од подлогата, алу-бандажи од 16 инчи и каросериски додатоци што сугерираат на теренска робусност, но и со повисоко ниво на опременост од стандардниот модел. Соодветно на тоа и цената на моделот почнува од 10.950 евра, со клима уред, паркинг сензори, електрика на сите прозорци, радио со команди на волан и други ставки во опремата што не секогаш се подразбираат кај европските конкуренти кои почнуваат од најмалку 15.000 евра. Можеби продажбата на C20R нема да ги достигне бројките на стандардниот модел, чија што цена изнесува 8.200 евра, но во секој случај воведувањето на оваа моделска изведба во понудата годи на имиџот и на моделот и на марката.