за

Gran Tourer е ван, но го носи знакот на BMW

Преку 5.300 примероци од ванот на BMW се продадоа во февруари. „Електричните“ достигнаа 2.165 примиероци во истиот месец

BMW како да има ново мото: Тоа што другите го прават ние ќе го направиме подобро! Марката што до скоро не помислуваше на ван веќе го претставува вториот модел, седумседот Gran Tourer.

Само неколку месеци по стартот на продажбата на првиот ван во историјата на марката од Петуелринг пристига и вториот модел од „новодојденецот“ во овој сегмент. BMW Gran Tourer од серијата 2 ја користи техниката од Active Tourer и со поголемите димензии на каросеријата повеќе се ориентира кон многудетните семејства, компаниите што имаат потреба од модел со седум седишта во својата понуда за измајмување и луѓе со активен животен стил што едноставно имаат потреба од повеќе простор во возилото. Претставувањето на Gran Tourer е самоуверен чекор, што сведочи дека во BMW веруваат во успехот во новиот сегмент за нив.

BMW Gran Tourer е прв ван со седум седишта во премиум сегментот

BMW го нуди големиот ван како семејно возило за активен животен стил и потреба од многу простор
BMW го нуди големиот ван како семејно возило за активен животен стил и потреба од многу простор

Големиот ван е долг 4,56, широк 1,8 и висок 1,61 метар, со импресивна зафатнина на багажникот меѓу 645 и 805 литри при петмина патници. Со соборување на сите задни седишта се постигнува товарен простор од 1.905 литри. За просторот да може да се приспособува соодветно на потребите, средната клупа лизга во должина, заради повеќе простор за нозе или заради повеќе простор за багаж. Средната клупа е поделена во сооднос 40:20:40 и се соборува со притискање на копче. На сите три дела од клупата може да се постави детско седиште. Третата клупа се добива со доплата и кога не се користи е потоната целосно во подот. Тоа што купувачите се навикнати да го добијат во сегментот, како бројни прегради за одлагање предмети, вклучувајќи и преклопливи масички, секако дека не недостига.

Пет турбомотори и погон на сите тркала уште во старт

Тоа што купувачите ќе го очекуваат од Gran Tourer е печатот на BMW во перформансите, возните својства и премиум квалитетот, односно нивниот спој со концептот на ван. Понудата од погонски единици ја сочинуваат пет нови мотори со три и четири цилиндри и моќност во дијапазон од 116 КС до 192 КС, сите во комбинација со технологијата EfficientDynamics за штедење на горивото и намалување на емисијата на СО2. Погонот на сите тркала го нуди моделската изведба BMW 220d xDrive Gran Tourer, којашто исто така е достапна веќе од стартот.

bmw serija 2 gran tourer 3094769078746
Функционалноста и приспособливоста на кабината се меѓу главните одлики на BMW Gran Tourer од серијата 2, во спој со динамиката, штедливоста и квалитетот на изработка на баварската марка

 

Последните системи за асистенција се присутни преку проекцискиот дисплеј што се прикажува директно во видното поле на возачот или со активниот темпомат, што му помага на возачот при забрзувањето, сопирањето и следењето на лентата при возење во застој на патот или при градски метеж. Новитет е апликацијата „myKidio“, во почетокот достапна само на германскиот пазар, којашто ги претвора долгите патувања во задоволство за децата. Оваа апликација на BMW доживува премиера во Gran Tourer и на децата на задната клупа им нуди пристап до серии, филмови, аудио книги или аудио игри со соодветна содржина, преку таблет-компјутери. Додека децата се забавуваат, родителите можат преку контролниот дисплеј да следат каква содржина гледаат нивните деца во секој момент. Важните мали патници можат во секое време преку „BMW детскиот кокпит“ да имаат преглед врз информациите за патувањето, како предвиденото време на пристигање, брзината или надворешната температура.

Четири дополнителни изведби: Advantage, Sport Line, Luxury Line и M Line

Освен во основната изведба, новиот Gran Tourer е достапен во уште четири дополнителни моделски изведби. Моделот Advantage нуди функционално збогатување на стандардното ниво, со двозонска автоматска клима, паркинг сензори назад, темпомат со контрола на сопирањето и мултифункциски волан. За спортските возачи е наменета изведбата Sport Line со впечатливи детали на каросеријата, единствен дизајн на алу-бандажите и спортски седишта, додека моделот Luxury Line пречекува со хромирани украсни детали, избрани алу-бандажи и кожени седишта. За возачите што сакаат да го почувствуваат полниот потенцијал на марката, на располагање стои M Sport, со пакет спојлери, хромирани детали на каросеријата, како и со спортски волан и спортски седишта, сите со знакот на M GmbH.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia cee’d: Нов мотор, нов менувач и нов пакет опрема

Passat за секаков терен со премиера во Женева