По освежувањето на моделската основа во гамата на Volkswagen Golf следува третман и за тркачот Golf R. Тој вклучува плус десет коњски сили, дисплеј со ракување преку гестикулација и опција за издувен систем од титан, со печат на Akrapovič. Верзијата со менувач DSG добива уште повеќе елан. Погонот на сите тркала и ексклузивната опрема и натаму се дел од пакетот.
Пред петнаесет години Volkswagen го создаде Golf R32, со шестцилиндарец од 3,2 литри и моќност од 241 КС. Десетина години подоцна шесте цилиндри станаа четири, но погонот на сите тркала и ексклузивната опрема останаа дел од пакетот. По префрлувањето на следната платформа, Golf R32 стана Golf R и доби дволитарски четирицилиндарец со турбонатполнење под хаубата. Со 270 КС, тој повторно ги помести границите на моќноста. Фановите му останаа верни на својот „суперголф“, чијашто моќност подоцна порасна за уште триесет коњски сили.
Дваесет њутнметри плус кај верзијата со менувач со двојна спојка
Сега и тристоте коњски сили стануваат минато. Со последното моделско освежување на бестселерот, од дволитарскиот турбо се извлекоа плус десет коњски сили, што значи дека Golf R отсега вози со 310 КС. Тоа секако значи и дека досега не постоел сериски Golf што располагал со поголема моќност и забрзувал подобро од новиот Golf R. Спринтот до сто трае 5,1 секунди со мануелен менувач, но и тоа се скусува на 4,6 секунди кај верзијата со новиот седумстепен менувач со двојна спојка. Оваа драстична разлика кај верзијата со DSG не произлегува само од брзата реакција на менувачот и стандардиот „Launch Control“, туку и од зголемената моќност: Вртежниот момент кај изведбата со менувач со двојна спојка достигнува 400 место 380 њутнметри.
При доплата за „пакетот за перформанси“, идните сопственици на суперголфот ќе можат да возат без брзинското ограничување на 250 km/h и да го потераат до пристојни 267 километри на час. Во тој случај, некои возачи на спортски купеа сигурно ќе реагираат зачудено додека во ретровизорот гледаат како им се приближува Golf. Врвниот спортист во гамата на Golf располага дополнително со тркачки модус, во когошто погонската спрега и подвозјето го испорачуваат својот максимум кога возачот ќе се појави на тркачка патека.
Освежувањето му донесе подинамичен изглед на Golf R, со променети браници и нови диодни светла. Издувните цевки се повеќе раздалечени и додаваат во ширина, додека акцентот отстрана го ставаат бандажите од 18 или 19 инчи и хромираните куќишта на ретровизорите. Како опција за првпат се нудат полирани црни бандажи од 19 инчи.
Дигитална табла со инструменти и дисплеј со ракување преку гестикулација
Промените во внатрешноста се однесуваат првенствено на новите инфо-забавни системи, меѓу кои Discover Pro со дисплеј од 9,2 инчи со ракување преку гестикулација, како и дигиталната инструмент табла, со посебен дизајн за Golf R. При избор на спортски профил, во дисплејот во средишната конзола се прикажуваат на пример моментниот притисок на натполнење или моќноста, исто како и страничното забрзување.
За љубителите на спортското возење, поважен од десетте дополнителни коњски сили и од освежувањата во кокпитот сепак е новиот издувен систем којшто е развиен во соработка со специјалистот Akrapovič и се нуди како доплата. Вообичаено за словенскиот мајстор, издувот е изработен од титан и полесен е за 7 килограми од стандардниот систем. Звукот се менува според избраниот профил за возење и го произведува типичниот звук за словенскиот мајстор при високи вртежи и при промена на степен на пренос. Исто како серискиот систем, издувот на Akrapovič работи е изведен со четири издувни цевки, но со различен дизајн.
Опција за спортски систем за сопирање, полесен за 2 килограми и дораснат за тркачка патека
Од опциите стојат на располагање спортски сопирачки, со сопирачки клешти во сребрена боја, за 2 килограми полесни од стандардните, како и полу-слик гуми и пакет Performance. Последниов се состои од спортски сопирачки, дополнитела ламела на задниот спојлер, бандажи од 19 инчи со дизајн Spielberg или Pretoria и отстранување на ограничувањето на крајната брзина.
Golf R доаѓа стандардно опремен со диодни предни светла, диодни задни светла со динамична функција, самостојно запирање при опасност од судир, двозонски клима уред со филтер против алергени, прогресивно управување, бандажи од 18 инчи Cadiz, спортски седишта напред, амбиентално осветлување во сина боја и избор на профил на возење.
Новиот Golf R во ценовникот за германскиот пазар чини 40.675 евра во верзија со шестстепен мануелен менувач, односно две илјади евра повеќе во комбинација со седумстепен менувач со двојна спојка. „Суперголфот“ е достапен и во комби изведба и чини 44.800 евра.



















