за

Golf GTI е количка на педали покрај оваа Kia

Солидно, евтино, издржливо, со тие вредности се пробиваше марката Kia. Одвреме навреме доаѓа време кога марките здивуваат. За Kia, тоа време е сега.

Корејската марка ги покажа мускулите. Откако ги декласира германските и генерално европските марки во поглед на техничкиот напредок, одличната противвредност, издржливоста, сервисните услуги и квалитетот, а особено во поглед на квалитетот, Kia се префрли на спортското возење и на спортските возила. Kia Pro Ceed GT напаѓа таму каде што конкурентите се најчувствителни, директно на Golf GTI и сличните.

Порано понудата на мотори во гамата на компактот завршуваше со 135 КС. Границата сега е поместена многу погоре, на 204 КС и 265 њутнметри, што значи за 50 проценти поголема моќност и за 60 проценти поголем вртежен момент. Забрзувањето до темпо сто трае 7,7 секунди, а ако педалот за гас се задржи малку подолго, тоа ќе продолжи до 230 километри на час. Срцебиењето на возачот дополнително се засилува преку генераторот на звук, кој се одгласува во кабината преку посебни звучници. На тој начин, Kia останува тивка однадвор, а спортски гласна и бурна внатре.

Моторот не е единственото што оваа Kia ја прави GT. Тука се вбројуваат и стегнато подвозје, посилни сопирачки и управување чија што спортска програма сега навистина има смисла. Уште повеќе има смисла тоа што шефот на дизајнот, Петер Шрејер, го извлече како спортска нота од новата каросерија со три врати на Ceed. Покрај проширени прагови, поголеми спојлери и спортски седишта Recaro, спортскиот Ceed покажува и спектакуларни дневни светла со по 4 светлечки блокови, кои го заслепуваат сообраќајот отспротива и навреме му препорачуваат да се потргне од патот.

Спортскиот печат го дополнуваат алу бандажи од 18 инчи, црвени сопирачки клешти, двојна издувна цевка, а во внатрешноста и табла со инструменти со изглед инспириран од мотоспортот и со средишен дисплеј од 7 инчи. Две бои за каросеријата се ексклузивни за GT: Тркачко црвена и Делукс бела металик.

Уште во основното ниво GT-Cup следува боата опрема, со клима и радио, алуминиумски педали, контрола на притисок во гуми, темпомат, електрика за местење на слабинскиот дел на седиштата, собирање на ретровизорите, хромирани рамки на прозорците и задни светла со светлечки диоди. Највисокото ниво е GT-Track со ксенонски светла, систем за следење лента, пристап и старт без клуч, камера за рикверц и електрична паркирна сопирачка.

Најевтината моделска изведба на семејниот Ceed на нашиот пазар се продава за 12.490 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Hyundai ix35 е автомобил на годината според Honestjohn.co.uk

Porsche 918 Spyder ја става суштината на марката на виделина