Пред три децении Golf GTD предизвика одушевување со тоа што за прв пат понуди спој на дизелска штедливост со спортски перформанси. Тогаш беа доволни 70 КС!
Воведувањето на турбонатполнењето во бестселерот од Волфсбург беше сензација во 1983 година, кога Volkswagen го претстави првиот Golf GTD, како дизелски пандан на легендарниот GTI. Компактот со дизелски мотор остана штедлив, но понуди спортски перформанси. За тоа беше доволна моќност од само 70 КС и вртежен момент од 133 њутнметри, вредности со кои денешниот Golf повеќе би бил пречка во сообраќајот, отколку автомобил за докажување. Но, тогашниот Golf беше неспоредливо полесен од сегашниот, со тежина од само 900 килограми.

За споредба, четвртата генерација на GTD галопира со 184 КС и вртежен момент од 380 њутнметри, но затоа и тежи околу половина тон повеќе. Порастот во тежината може да се претпостави и со голо око, затоа што двете генерации на компактот се разликуваат во должина за цели 50 сантиметри.
Причините за зголемувањето на тежината се наоѓаат и под лимот. Актуелната техника го прави возењето многу побезбедно и покомфорно, вклучувајќи цела армада од системи за асистенција и за комфор за кои што пред 30 години никој не сонуваше. Прогресивно управување, препознавање замор, електронска блокада на диференцијал, проактивен систем за заштита на патниците, радарски темпомат со самостојно запирање при опасност од судир, системи за следење лента и за самостојно паркирање се само дел од овие системи. Воздушни перници или контрола на стабилноста исто така беа музика од иднината во 1980-те години.

Новиот GTD сепак е супериорен во однос на првата генерација и тоа се огледува најдобро во тежинскиот сооднос. Додека во 1983 година на секоја коњска сила од моторот доаѓаа по 12 килограми тежина од возилото, кај новакот се само 7,4 килограми. Оттука произлегува и неспоредливата разлика во перформансите. Во поглед на крајната брзина, олдтајмерот нема шанси со своите 160 километри на час, наспроти 230-те километри на час на последниот GTD. Единствено во потрошувачката е помала разликата. Првиот GTD важеше како најштедлив сериски автомобил на светот со шест литри на сто километри, додека новиот го совладува истиот пат со 4,2 литри дизел.