Ginetta за возачки специјалисти: Грд и смешен, многу брз

Ginetta Superavtomobil premiera

Мотор во средина, аеродинамичност што повеќе служи да ја притиска каросеријата место да го сече воздухот, 1150 килограми и над 600 КС од V8, атмосферски. Карбон. Ginetta.

Оваа автомобилска куќа од островот е најлесно да се разбере како McLaren, но таков што е достапен за поширок круг купувачи. Многу поширок круг, кога ќе се спореди со McLaren. Ginetta има долга и успешна историја во мотоспортот, но не во врвната лига, туку во регионална лига. Британската куќа произведува лесни и брзи автомобили, наменети за многубројните тркачки серии кои постојат во Велика Британија. Некои од тие автомобили се возеле и се возат и во верзија за по улица. Ginetta на автопат обично е качена на приколка, додека пристигне до тркачка патека. Најкусо можно.

Гени од G10 од пред половина век, а технологија од тркалки прототип за 24 часа Леман

Како што најави претходно, Ginetta на салонот во Женева ќе го претстави својот прв суперавтомобил, со карактер на легендарниот модел G10 од 1960-те години и со технологија од прототипот кој возеше во најпредизвикувачката категорија LMP1, на 24 часа Леман во 2017 година.

https://photos.app.goo.gl/2LubhMKWN411k3bB9

Првиот суперавтомобил на Ginetta е развиен од нула, според неколку основни начела: Мотор во средина, карбонска школка, аеродинамичност како кај прототип за Леман и сопствено развиена погонска единица.

Ginetta го почитува концептот на атмосферски мотор, кадешто нема премногу електроника меѓу педалот и придушницата

Моторот е шестлитарски V8, изработен од сопствените инженери на Ginetta. Моќноста изнесува над 610 КС, вртежниот момент достигнува 700 њутнметри. Одушевува соодносот меѓу моќноста и тежината на возилото, од 545 КС на еден тон. Како дополнителна предност од атмосферскиот концепт, Британците ја нагласуваат брзата реакција на моторот и отсуството на каков било вишок електроника, без којашто не можат денешните турбо-мотори.

https://photos.app.goo.gl/4ozwuvD3oBCZdwEa7

Необичниот изглед на карбонската каросерија произлегува од тоа што „дизајнерите“ се раководеле единствено според функционалната форма на тркачките прототипи на Ginetta за Леман, место според естетиката. Функцијата е следнава: При 160 километри на час, воздушното струење врз каросеријата создава притисок од 376 килограми.

Карбонска школка и околу неа карбонска каросерија; И волан од карбон – тоа е се’ што е потребно

Водењето на тркалата е со двојни триаголни водилки, со централен амортизер, како во тркачкиот прототип на Ginetta. Возачот е во контакт со возилото преку хидраулично сервоуправување, волан од карбон – секако и тој во стил на LMP1 – со алуминиумски рачки и педали кои се местат во сите можни правци.

https://photos.app.goo.gl/F9erkLtvp7sXZheU8

Менувачот е изработен по специјална нарачка. Станува збор за секвенцијален шестстепен менувач, со вратило од карбон. Последново придонесува за молскавично брзо менување на степените, но и за звучна кулиса каква што се слуша само на тркачките патеки. Бандажите од 19 инчи напред и 20 инчи назад се од сопствена изработка, а зад нив се наоѓаат карбон-керамички сопирачки дискови.

Багажник од 675 литри – кој уште ќе го очекуваше тоа?

Во кабината има алкантара, карбон и гол алуминиум, мноштво опрема, вклучувајќи и камера за рикверц или индуктивно полнење на мобилен телефон. Останало простор и за багажник. Огромен багажник, со 675 литри.

https://photos.app.goo.gl/KVG6K8Lx3JNuntrW7

https://photos.app.goo.gl/jVsC3HLvtPdnTkUz9

Без возач и гориво, суперспортската Ginetta тежи 1.150 килограми. Тоа што возилото е наменето и за возење по пат не треба да залажува. Кабината ги исполнува сите стандарди што ги бара ФИА.

Серија од 20 примероци во првата година, цена 400.000 фунти, заради ориентација

Цената изнесува 400.000 фунти, што е само ориентациски, затоа што производителот ќе го изработува секој примерок од возилото според посебните барања на сопственикот. Производството ќе започне во 2020 година, кога ќе се изработат само 20 примероци. Половината од планираната микросерија е распродадена уште одамна.

Ginetta од 2005 година е во сопственост на Лоренс Томлинсон, победник на Леман. Изработката е исклучиво рачна, во погони во близина на Лидс, во Западен Јоркшир.

Името, уште не е познато. Апсолутно неважно.

Уште една гаражна мануфактура од островот најавува суперавтомобил

Претходна објаваНова наградна игра на Макпетрол: Се игра за Honda HR-V
Следна објаваЕлектричен и шведски Polestar 2 за 40.000 евра: Готово е!

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here