Продукцијата на автомобили во Германија продолжува да расте, меѓутоа уште го нема достигнато нивото од пред пандемијата. Mercedes-Benz, Volkswagen, BMW, Opel, во своите домашни фабрики во август во произвеле 266.800 патнички автомобили, што претставува раст од 15 проценти во споредба со истиот месец лани. Тоа уште е далеку од нивото во 2019 година.
Во мај годинава, бројот на произведени автомобили во фабриките во Германија беше за 30 проценти зголемен во споредба со мај 2022 година. За споредба, во август, растот се преполовил и изнесува само 15 проценти. Тоа покажува колку е непредвидлив развојот на автомобилскиот пазар во овие вонредни времиња.
Од јануари до завршетокот на август, германските фабрики произвеле вкупно 2,78 милиони патнички автомобили или за 28 проценти повеќе во споредба со ’22. Бројките не се толку ветувачки, кога ќе се направи споредба со 2019 година. Продукцијата уште заостанува со 12 проценти под нивото во годината пред пандемијата.
Пазарниот раст доаѓа главно од производството на електрични автомобили, а посебно батериски електрични автомобили. До јули – официјалната статистика досега до тој месец – произведени се 589.800 батериски електрични возила (БЕВ). Тоа е за 128 проценти повеќе отколку во првите седум месеци лани.
На големите промени со коишто соочува автомобилската сцена укажува и споредбата со производството на автомобили со дизел мотор – нивната продукција достигна 488.100 возила, и се наоѓа во опаѓање.
Моделите со приклучен хибриден погон и натаму се интересни првенствено за извозните пазари, па затоа и нивната продукција во првите седум месеци се зголемила за 13 проценти, на 170.600 автомобили.
По големиот раст во јули, извозот во минатиот месец се зголемил за два проценти, на 193.500 автомобили. Вкупно до завршетокот на август годинава се извезени 2,09 милиони автомобили од Германија или за 27 проценти повеќе од истиот период лани. Извозот расте со истата динамика како што расте продукцијата.
Првпат по една и пол година, бројот на нарачки за производство расте повторно, со зголeмување од 7 проценти во август.
Еден од секои три нови автомобили регистрирани во Германија во август бил батериски електричен автомобил
Во земјата во месец биле регистрирани 273.400 нови автомобили. Тоа е за 37 проценти повеќе од лани. Причина за овој вонреден раст се претстојните измени во субвенциите за БЕВ. Од 1-ви септември повеќе не се исплаќаат субвенции за фирми што ќе регистрираат БЕВ. Така и се случи растот во бројот на регистрирани БЕВ за 171 проценти во август, на вкупно 86.650 возила со погон на струја.
Тоа е втор најдобар месец за продажбата на возила во Германија, по декември лани, кога престанаа субвенциите за приклучни хибридни автомобили.