за

Peugeot 3008: Втора нула за екстра вредност

Нулата менува многу во светот на бројките, но значи и кај автомобилите, посебно кај Peugeot. Нова генерација на Peugeot 3008, исклучително важен модел.

На Peugeot му одговара улогата да предводи цел еден концерн Stellantis, тоа сепак е марката со лавот. Но, Французите ја имаат и обврската, први да преземаат големи промени во концернот. Peugeot 3008 не е само нов дизајн.

Бестселерот на Peugeot, компактниот СУВ со ознака 3008, во својата трета генерација стартува како батериски електричен автомобил. Платформата што ја користи новата „нула-нула-осум“ проектирана е првенствено со цел врз неа да се конструираат автомобили со батериски електричен погон. Платформата STLA Medium воедно дозволува врз неа да се изведуваат и модели со мотор со внатрешно согорување – иако и тие ќе уживаат придружба од електромотор.

Тоа е значењето што го има овој модел на Peugeot, во еден од најбурните периоди за автомобилската индустрија, којашто од една страна се менува поради преоѓањето на електричен погон, а од друга страна уште трпи удари од последиците од пандемијата, од прекини во синџирот од добавувачи, па дури се сочува и со недостиг од камионџии, за возилата од фабрика да се довезат до дистрибутерите.

Тимот на шефицата Линда Џексон, една од најхаризматичните менаџерски личности на сцената, при денешната важна премиера на Peugeot 3008, не пропушти уште на старт да напомене дека „Peugeot до 2005 година ќе нуди најширока гама од електрични автомобили меѓу сите генералистички марки во Европа.

За развојот на новиот модел, проект-менаџерите се раководеа според трите налози од шефицата: Да се создаде СУВ со купе-опаш, со свеж дизајн, да се развие нјова генерација на панорамски i-Cockpit, што ќе го зголеми уживањето во возење и со користење на новата технологија од STLA Medium да се постигне досег до 700 километри.

Видеото за премиерата на Peugeot E-3008

Тековниот модел постигна многу нешта, што се покажува и преку продажбата во 1.320.000 примероци во 130 држави, во седумте години на 3008 на пазарот. Електрификацијата воопшто не му беше туѓа на најпродаваниот СУВ, достапен во неколку изведби со приклучен хибриден погон, вклучувајќи и изведба Hybrid4 со 300 КС.

Марката со лавот ќе постапи исто со секој следен модел, по 3008. Планот е до 2025 година, Peugeot да има најмалку по еден модел со батериски електричен погон во секоја своја моделска серија. По 2030 година, Peugeot воо Европа ќе продава само батериски електрични автомобили.

Peugeot 3008, односно E-3008, прв во концернот ја користи платформата STLA Medium, којашто нуди досег до 700 километри, брзо полнење (30 минути), но и уживање во возењето, перформанси, штедливост и пристап до онлајн-услуги (Trip Planner, Smart charging,Vehicle to load и Over The Air – вчитување нов софтвер).

E-3008 ќе се произведува исклучиво во фабриката во Сошо, а продажбата стартува во февруари в година.

Купувачите ќе имаат избор меѓу две високи нивоа на опременост – Allure и GT – потоа меѓу три пакети со екстра опрема, и три варијанти на електричниот погон. Основната изведба ќе располага со 210 КС, по неа следи верзија со продолжен досег и 230 КС, додека врвот ќе ѝ припаѓа на изведбата со два електромотори и погон на сите тркала, со 320 КС. Во план се и хибридни верзии.

Што кажуваат менаџерите на Peugeot за новиот E-3008:

Лансирањето на Next-Level E-3008 е голем чекор во радикалната трансформација на Peugeot во привлечна 100% електрична марка, којашто поставува нови мерила во дизајнот, возачкото уживање и ефикасноста. Со надворешниот дизајн, со спектакуларниот PEUGEOT Panoramic i-Cockpit, со возачкото уживање и со невидените електрични перформанси, Next-Level E-3008 го носи Peugeot во нова ера, во којашто француската марка ќе нуди најширок избор од трендовски електрични возила на пазарот.

Линда Џексон, извршна директорка на Peugeot

Новиот E-3008 го соединува инвентивноста и храброста на Peugeot, ги отелотворува сите вредности на нашата марка. За 3008 да се осмисли од ново, значеше да се работи на неговата современост, динамичниот дизајн да се усогласи со оптимална ефикасност, преку силуетата на фастбек и да се иновира со новата генерација на PEUGEOT Panoramic i-Cockpit

Матиас Хосан, главен дизајнер на Peugeot

Аеродинамичноста е примерна и за вредноста Cx 0.28 секако дека придонесува и фастбек-опашот, сличен со 408. Каросеријата ја задржа компактноста, со должина 4,54 метри, ширина 1,89 метар и висина 1.64 метар.

Покрај елегантната силуета, тоа што прво се забележува е новиот дизајн на светлата и маската, со ново толкување на шемата со „трите шепи“. Изгледот на маската го симболизира електричниот погон на E-3008. Светлата се мошне тенки и како да го насочуваат вниманието кон жлебот под завршетокот на хаубата.

Галерија со сите фабрички снимки од надворешноста на Peugeot E-3008

Бидејќи платформата не е развивана за да вдоми дизел мотори од два литри, голем резервоар за гориво, масивен издувен систем со низа катализатори, менаџерите напоменуваат на просторноста на кабината. Багажникот од 520 литри е уште едно уверување во ветувањата на менаџерите.

Деталите откриваат колку внимание е посветено во развојот. Еден таков „детал“ е директниот преод од каросеријата кон станичните прозорци. Тука обично има лајсна, меѓутоа во ерата на електричните автомобили, кога решава секој ват, лајсната само би ѝ пречела на аеродинамичноста. Со истата намера, секакво украсување со хромирани лајсни е избегнато.

Галерија со сите фабрички снимки од внатрешноста на Peugeot E-3008

Дизајнот на тркалата од 19 или 20 инчи – големиот пречник годи за намалување на отпорите – го следи примерот од 408, којшто веќе направи една пред-револуција. Грбот на Peugeot во средиштето на тркалата е згоден детал.

Заштитна боја на Peugeot E-3008 е „опсесивно сината“ којашто содржи дихромарски пигменти и ја менува бојата меѓу зелена и сина, зависно од светлината и аголот на гледање.

Вниманието во внатрешноста го привлекува заоблениот дисплеј од 21 инч што е поставен оригинално како своевиден ѕид врз арматурната табла, и дел е од новиот Peugeot Panoramic i-Cockpit. Доживувањето го дополнува диодно амбиентално осветлување во 8 бои по целата површина под дисплејот и по дел од предните врати. Оваа површина е изработена од алуминиум и тоа создава контраст со остатокот од кокпитот, којшто е покриен со скапо платно.

Од Peugeot 308 се познати софтверските прекинувачи i-Toggles, коишто се програмираат за со едно притискање да се повика омилениот контакт, да се вклучи навигацијата или да се пушти омилената радио станица. Вкупно 10 прекинувачи се програмираат едноставно и по желба.

Уште една промена е преселувањето на бирачот за возење веднаш до копчето за старт, десно зад воланот. Исто и воланот е сменет. Средишниот дел е смален и повеќе е издвоен од краците на воланот, следејќи го примерот од тоа како дисплејот е одвоен од арматурната табла. Нови се и прекинувачите на воланот.

Лево и десно зад воалнот се наоѓаат две рачки, за избор на еден од трите степени на рекуперација, односно на „моторно сопирање“

Седиштата носат одобрение од германските ортопеди (Opel е дел од концернот и тие први стартуваа со AGR, акција за здрав грб). Првпат во Peugeot стојат на располагање седишта со приспособлива странична поддршка, што се надувува повеќе или помалку, по желба.

Опција се двослојни предни прозорци, со посебна звучна изолација. Така се создаваат и одлични услови за уживање во аудио системот од францускиот производител на аудио езотерија Focal.

Во возењето може да се избира меѓу четири режими: Нормален, штедлив, спортски и 4DW режим. Последниов е достапен само во топ-моделот и обезбедува постојан погон на сите тркала, до 135 km/h, кога патот е лизгав.

Системите за асистенција се дополнети со полуавтоматско менување лента. Возачот треба само да ги вклучи трепкачите и 3008 самостојно се префрлува во соседната лента – откако претходно ќе се потврди со „ок“.

Три погонски изведби се достапни за Peugeot E-3008:

– Досег 525km, батерија од 73 kWh, погон напред, 213 КС/157kW, вртежен момент 343Nm

– Два електромотори, досег 525 km, батерија од 98 kWh, погон на сите тркала, 326 КС/240kW, вртежен момент 343Nm + 166 Nm

– Со продолжен досег до 700km, батерија од 73 kWh, погон напред, 313 КС/170kW, вртежен момент 343Nm

E-3008 може да полни на брз полнач со еднонасочна струја со моќност до 160 kW, што значи дека полнењето од 20 до 80 проценти трае 30 минути. Надворешни потрошувачи може да се приклучат на мрежата на E-3008.

Peugeot E-3008 во следниот чекор ќе се ослободи од „Е“, односно ќе биде достапен и во блага хибридна и приклучна хибридна изведба. Французите веќе најавуваат и премиера на E-5008, со седум седишта и со истата техника како E-3008, исто како и досега. Премиерата на големиот СУВ треба да се случи рано в година.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германија произведува повеќе електрични автомобили отколку дизели

Fiat започна со производство на новиот 600е