Заврши најдолгиот штрајк во американската автомобилска бранша во последните 50 години. Откако General Motors и синдикатот на работници во авто-индустријата пред една недела постигнаа прелиминарен договор, сега и вработените во автомобилскиот концерн искажаа позитивен став за новиот колективен договор. Постоеше голема неизвесност дали тие ќе одолговлекуваат со својот одговор.
Штрајкот во најголемиот производител на автомобили во САД, General Motors, заврши по 40 денови. Вработените во концернот гласаа позитивно за новиот колективен договор. Со тоа заврши најдолгиот штрајк во американската автомобилска индустрија во последните 50 години. General Motors уште во минатата среда постигна прелиминарен договор со синдикатот, но потоа мораше да се чека и вработените во концернот да дадат согласност за истиот.
Голем број вработени во американскиот авто-гигант на 16-ти септември ја прекинаа работата по неуспешните преговори. Синдикатот бараше чесно пресметување на работниот труд и подостапно здравствено осигурување. Дополнително се бараше и соодветен удел во профитот, како и сигурно вработување. Со постигнатиот компромис, меѓу другото се предвидуваат значително зголемени плати, како и пристојна бонификација. General Motors воедно гарантираше дека ќе вложи неколку милијарди долари во фабриките во САД, со цел да се задржат илјадници работни места.
Првпат по дванаесет години се штрајкуваше во General Motors. Аналитичарите проценија дека штетата од штрајкот ќе го чини концернот околу две милијарди долари. По постигнатиот договор меѓу General Motors и Унијата на автомобилските работници, следат слични преговори и со Ford и Fiat Chrysler.