за

General Motors инвестира 500 милиони долари во такси без таксист

Американскиот гигант General Motors се здружи со сервис за заедничко користење возила, со цел во блиска иднина по улиците да се пуштат „самовозечки“ такси возила кои корисниците ќе ги повикуваат по потреба.

General Motors и сервисот за заедничко користење возила Lyft се здружија во развој на автономни возила. Американскиот производител вложува половина милијарда долари во Lyft, како помош фирмата полесно да излезе во пресрет на растечкиот интерес за заедничко користење возила. GM воедно ќе добие и место во управата на Lyft.

Според General Motors, иднината на индивидуалниот превоз е во возила што се поврзани во мрежа и управуваат самостојно, без возач. Двата партнера ќе создадат возен парк од автономни возила, кои корисниците ќе ги повикуваат по потреба. General Motors ќе учествува со своето искуство стекнато во развојот на автономни возила, додека Lyft ќе се надоврзе со експертизата во заедничкото користење возила.

Додека работите стасаат дотаму, GM ќе биде ексклузивен добавувач на возила, кои ќе можат да се изнајмуваат во центрите на Lyft во повеќе американски градови. Корисниците на Lyft во времето што ќе го поминат во возење ќе бидат постојано бомбардирани со информации и понуди од General Motors.

Lyft, чиишто автомобили се обележани со мустаќи од розов плиш, моментно е проценет на 5,5 милијарди долари. Тоа сепак е многу помалку од вредноста на конкурентот Uber, којашто изнесува 62 милијарди долари. Обете компании неодамна добија по една милијарда долари од инвеститорите.

Uber исто така работи на развој на автономни возила и за таа цел соработува со Универзитетот Карнеги-Мелон. Соработката опфаќа изработка на карти за навигација, како и техника за поголема безбедност и за автономно возење. Компанијата има удел и во навигациските карти на Microsoft.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На берлинската полиција ѝ замрзнаа 85 возила

Британски хумор или: Камен како украсен елемент во Bentley