Ford цени дека новата Fiesta е технолошки најнапредна во класата

Колку што недостигаат изненадувања во надворешниот изглед на новата Ford Fiesta, толку се повредни новитетите под каросеријата: Трицилиндарец што се претвора во двоцилиндарец, кросовер изведба, запирање пред пешаци, скапо озвучување. Сето тоа некогаш најмалечкиот Ford го добива за 40-от роденден.

Приоритетите при развојот на новите автомобили се смениле. Првото што Ford Fiesta го има да се пофали во својата осма генерација се многубројните системи за асистенција и конективност, какви што не поседува ниту еден друг модел во класата. Второто најважно е разновидноста во понудата од модели: „Четирисетгодишникот“ се нуди уште од старт се појавува во благородната изведба Titanium, во спортското ниво ST Line, во луксузната верзија Vignale, а за првпат и како кросовер, којшто се води како Fiesta Active. Последново веројатно е обид да се заживее духот на некогашната „суперфиеста“, Ford Fusion.

Fiesta порасна да остави повеќе простор за Ka, новиот мал Ford

Продажбата на најголемите пазари во Европа ќе стартува во следната година, а подоцна во гамата ќе пристигаат и останатите изведби на база на Fiesta. Понудата од каросериски варијанти и натаму се состои од изведби со три и со пет врати. Порастот во должина изнесува 71 милиметар, во ширина 12 милиметри.

Ford Fiesta

Повеќе внимание е посветено во изгледот и изработката на внатрешноста. Тоа што Fiesta сега остава впечаток на модел од повисока класа има објаснување во пристигањето на Ka. Тој ќе биде новиот малечок Ford. Од друга страна, расте кругот на купувачи коишто немаат потреба од поголем автомобил од Fiesta, но не сакаат да им недостигаат комфорните и функционални ставки од повисоката класа. Тоа е втората причина зошто новата Fiesta толку се посветува на комфорот, опремата и квалитетот, веројатно поставувајќи го следниот тренд што ќе ја зафати целата класа.

Fiesta и натаму ќе се издвојува со динамичните возни својства во класата

Од марката со синиот овал ветуваат и дека возните својства, коишто беа речиси заштитен знак во сите досегашни генерации, ќе достигнат уште повисоко ниво во новата Fiesta. Тоа очигледно им годи на европските купувачи, кадешто моделот доминираше во продажните статистики во континуитет во последните четири години.

Ford Fiesta

Голема е гордоста на Ford за системите за асистенција: Сензорите во Fiesta скенираат 130 метри пред возилото, самостојното запирање при опасност сега реагира на пешак и ноќе, а за првпат се вградува и активно автоматско паркирање, коешто освен работата со воланот, ја презема и контролата над педалите.

Половина од продажбата на актуелниот модел отпаѓа на врвното ниво Titanium

Новата Fiesta е прв модел на Ford во когошто се вградува врвно озвучување од Bang & Olufsen. Напредниот забавно-комуникациски систем Sync во меѓувреме е во третата генерација и доби дисплеј на допир, којшто во највисокото ниво има пречник од 8 инчи. Со префрлувањето на повеќето функции во овој дисплеј можеше значително да се намали бројот на контроли и прекинувачи во средишната конзола.

Главнината од понудените мотори секако дека отпаѓа на еднолитарскиот Ecoboost, повеќекратниот шампион во изборот на светски мотор на годината, којшто достигнува моќност до 140 КС. За првпат во Fiesta се нуди и дизел со поубедлива моќност, 1,5-литарски TDCi со 120 КС. Заедно со моќниот дизел следи и комплетно нов шестстепен менувач. Нов основен бензинец на местото на четирицилиндарецот од 1,25 литар е трицилиндерска верзија од 1,1 литар, со 75 или 85 КС. Дизелот 1.5 TDCi е достапен и во верзија со 85 КС, за десет КС повеќе отколку во претходникот.

[FAG id=26503]

Претходна објаваBMW M2 ја продолжува победничката серија на Баварците
Следна објаваDaimler и BMW се најпрофитабилни автомобилски концерни во светот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here