Двајца врвни пилоти на дрон беа ангажирани од Ford во снимањето на видеото „Дронкана“. Тоа е само вовед во најголемиот саем за интерактивни игри којшто деновиве се одржува во Келн, домот на Ford.
Што се случува кога ќе споите еден од највозбудливите нови спортови во светот и неколку исто толку возбудливи автомобили. Ford го дава одговорот на ова прашање во видеото наречено „Дронкана“. Двајца врвни пилоти на дрон се соочуваат со предизвикувачки пречки по патеката: Ford Focus RS во дрифт, Ford Mustang во завеса од чад и робот. Пилотите Лук Банистер (16) и Брет Колис (22), обајцата Британци, далечински ги управуваат своите дронови, користејќи специјални очила коишто им овозможуваат глетка директно од дронот, додека истите пролетуваат под пикап Ford Ranger и низ отворените лизгачки врати на миниванот B-Max. Вкупно 36 камери ја овековечуваат оваа акција на дроновите во стилот на „Матрикс“ од 1999 година.
Именувано во чест на прочуената „Гимкана“ на Кен Блок, новото видео е снимено во седиштето на Ford во германскиот град Келн, кадешто неделава се одржува „Гејмском“, најголемиот саем за интерактивни игри во Европа.
Ford повика петмина врвни играчи од Европа во своето седиште во Келн, со намера да ги ангажира во поставување на нов светски рекорд во „најдолгиот видеомаратон во тркачка симулација“, во играта Forza Motorsport 6. Овие играчи ќе се заменуваат два дена зад воланот на виртуелен Ford GT на симулиран Ле Сарт, на патеката кадешто се вози 24 часа Леман и кадешто Ford GT годинава победи во својата класа. За нов рекорд, возачите ќе мора да се тркаат над 48 часови и 1 минута. Трката почнува денес во 14 часот.
















