По Fiesta и Focus, знаменосецот Mondeo е следниот модел на Ford што го добива нивиот спортски пакет ST Line. Спортската нота се сведува само на изгледот и на дизајнот, под хаубата останува стандардната понуда.
Ford Mondeo е следниот модел по Focus и Fiesta, што го добива пакетот ST Line. Исто како помалите брака од моделската понуда на Ford, Mondeo ST Line ќе ги привлекува купувачите на коишто повеќе им значат спортскиот изглед и неколку впечатливи потези во дизајнот, отколку расната моќ на вистинските модели ST.
„Главните состојки“ на ST Line се маска со саќеста решетка, диодни дневни светла, правоаголни магленки, продолжеток на предниот спојлер, странични прагови, заден браник со дифузор, црни рамки околу прозорците, бандажи од 18 или 19 инчи зависно од моторот и подвозје спуштено за 10 милиметри. Во кабината пречекуваат штепови во контрастна боја, прагови ST, спортски седишта и спортска рачка на менувачот.
Спортското ниво ST Line стои на располагање со сите бензински и дизел мотори во дијапазон од 150 КС до 240 КС. Mondeo ST Line е достапен во комбилимузинска изведба со 5 врати и во комби изведбата Turnier. Погонот на сите тркала iAWD исто така стои на располагање со посилните мотори. Цената за основната моделска изведба на Mondeo ST Line на германскиот пазар изнесува 30.750 евра.

















