Славеничко издание на Ford Mustang пристига во Европа, со осумцилиндарец под хаубата и неколку оригинални детали. Поради големиот интерес, верзијата Bullitt ќе се нуди и во следната година. Американската икона четири години е најпродавано спортско купе во светот.
Ford подготви посебна изведба на Mustang за 55-от роденден на легендарниот спортски модел. Нарачките стартуваат во август, тогаш ќе бидат познати и цените. Ford Mustang55 се базира врз Mustang GT со петлитарски V8 со 450 КС и се препознава по двете црни ленти по хаубата, црниот покрив, црниот беџ „пони“, бандажите од 19 инчи во сјајна црна боја и по задниот спојлер што се вградува како опција.
Ексклузивност има и во внатрешноста, со детали во финиш на карбон, кожа по средишната конзола и впечатлива сива опшивка. Вратите и на седиштата се обложени со алкантара. Главата на менувачот – шестстепен мануелен или 10-степен автоматски – исто така има различен изглед.
Во стандарндата опрема на Mustang55 спаѓаат седишта со ладење и грејачи, говорни команди Ford Sync 3, аудиофилско озвучување Bang & Olufsen со 12 звучници и модем за конективност. Верзиите со автоматски менувач имаат и опција за далечински старт.
Изведбата со 2,3-литарски EcoBoost доби детали во стил на Mustang Shelby
Во исто време има измени и кај изведбата на Mustang со 2,3-литарскиот турбо, во којашто стандардно ќе се вградува издув со можност за избор на тивка работа. Детали од „Shelby“ се ретровизорите и спојлерот во сива боја и двете црни ленти по хаубата. Новитет претставува и тоа што поради големиот интерес, Ford ќе го нуди Mustang Bullitt на европскиот пазар и во следната година.
Ford Mustang го одбележа 55-от роденден пролетоска. Првиот примерок од легендарната моделска серија е произведен на 17-ти април 1964 година. Лани, тој по четврти пат беше најпродавано спортско купе во светот. Mustang е достапен на 146 пазари, а актуелниот модел веќе надмина продукција од половина милион. Секој десетти примерок бил продаден во Европа.
Нови каросериски бои се иконско-сребрена, луцидно-црвена, твистер-портокалова и грабер-зелена.