Ford изврши неколку подобрувања во новото моделско годиште на Mustang, коишто беа неопходни поради големиот притисок од Chevrolet Camaro.
Со повеќе коњски сили, поголема агресивност во појавата и неколку новитети во техниката пристига новото моделско годиште на познатиот „пони“ автомобил на Ford. Измените во изгледот се незначителни во споредба со новитетите што Mustang ги носи под каросеријата. На местото на стариот автоматик со шест степени сега работи десетстепен автоматски менувач, којшто е достапен со обата мотори во понудата. Неколку фини дотерувања претрпе и мануелниот менувач.
Класичната табла со инструменти е заменета со дисплеј од 30 сантиметри, а новитет е и технологијата MyMode со којашто возачите на Mustang можат да ги меморираат дотерувањата на подвозјето, управувањето и уште цела низа параметри, вклучувајќи го и звукот на моторот. За безбедноста се грижат систем за самостојно запирање при опасност од судир со препознавање пешаци на патот, систем за следење лента и предупредување при замор н возачот. Со доплата се достапни приспособливи амортизери MagneRide, коишто ги подигнуваат возните својства на уште повисоко ниво.
Основата на четирицилиндарецот од 2,3 литри останува непроменета, новитет е краткотрајното зголемување на вртежниот момент, што е корисно на пример при престигнување. Повеќе промени претрпе петлиатрскиот V8 во Mustang GT, со преработено директно впрскување со цел повеќе њутнметри да се испорачуваат при пониски вртежи. Порасна и моќноста на осумцилиндарецот, а според ветувањата на Ford е намалена и потрошувачката. Конкретни податоци за моќноста уште не се наведуваат.
Ford веќе ја започна офанзивата за воведување хибриден погон во моделската понуда, во којашто на крајот на деценијава ќе биде опфатен и Mustang, како и пикапот F-150.



















