Ветробранот и покривното стакло на моторот на суперспортскиот Ford GT се изработени од истиот материјал како дисплејот на мобилните телефони. Со тоа се преполовува тежината и се зголемува цврстината на стаклото.
Ветробранот и големото покривно стакло на моторот на новиот Ford GT се изработени од таканаречено горила стакло. Суперспортскиот автомобил на Ford е прв што ја користи оваа технологија во сериското производство. Станува збор за мошне тенко, лесно, но отпорно специјално стакло коешто американскиот производител Corning го претстави под името „горила стакло“ во 2007 година и обично се користи во забавната електроника, како покривно стакло за дисплеи што реагираат на допир во преносните електронски уреди.

Инженерите на Ford при развојот на GT бараа иновативни лесни материјали за секој дел од возилото и горило стаклото беше избрано како соодветна замена за обичното стакло. По обемните тестирања на новата технологија за стакла во Ford GT, техничарите го одобрија „горила стаклото“ за новиот суперспортист.
Безбедносното стакло на денешните автомобили прв го примени Хенри Форд
Обичните ветробрани се состојат од два ламинирани и преднапрегнати слоја стакло, коишто распукнуваат во ситни парчиња и не се распрскуваат, со цел да ги заштитат патниците во случај на судир. Интересно е што токму основачот Хенри Форд прв го примени ова стакло во производството во САД и истото се користи речиси еден век во автомобилското производство. Горила стаклото, односно хибридното стакло се состои од повеќе слоеви, односно од отпорен надворешен слој, потоа меѓуслој што го придушува звукот и уште еден внатрешен слој заради цврстина.
Во споредба со обичното стакло коешто во автомобилите има дебелина од околу шест милиметри, горила стаклото за ветробранот и задниот капак во Ford GT е дебело само три милиметри. На тој начин се заштедуваат 5,4 килограми, а се постигнува и поголема отпорност на гребење и кршење. Покрај тоа, секое олеснување во делот над тежишната оска на возилото придонесува за спуштање на самото тежиште на возилото.
Ford го најавува стартот на продажбата на новиот Ford GT кон средината на 2016 година. Тркачката верзија ќе има премиера на европска тркачка патека малку пред тоа, на 17-ти април во Силверстоун, Британија.
















