за

Ford Focus RS: На сите четири

Долго се шпекулираше, сега следуваат факти. Новиот Focus RS нема петцилиндарец, преден погон и 305 КС, но затоа има мотор од Mustang, погон на сите тркала и 320 КС.

Ford во последно време практикува фактор изненадување. Во средината на јануари нé изненади со премиерата на суперспортскиот GT на домашен терен, на салонот во Детроит. Сега и европскиот Ford продолжува во истата насока, со претставувањето на врвната моделска изведба во гамата на Focus. Не случајно, бојата на обата автомобила е иста. За врвот во гамата на германскиот компакт повеќе не се доволни 250-те КС и погонот на предните тркала од Focus ST, туку 320 КС и погон на сите тркала на Focus RS.

Ford ќе пушти вкупно 12 нови модели од калибарот на Focus RS во следните три години

За разлика од претходникот којшто возеше со 2,5-литарски петцилиндарец со турбонатполнење и 305 КС, под хаубата на новиот Ford Focus RS работи 2,3-литарски четирицилиндарец, познат од Mustang, исто така со турбонатполнење. Овој мотор од генерацијата EcoBoost извлекува преку 320 КС и со тоа го остава зад себе и американскиот „мускулест автомобил“, којшто во основната варијанта доаѓа „само“ до 314 КС. Колку точно „преку 320 КС“ има новакот под хаубата, ќе биде знае по премиерата во Женева, во март. Овој податок дотогаш го крие и Honda Civic Type-R. Новиот RS се произведува во фабриката на Ford во германскиот Сарлуис, од каде што моделот овојпат нема да се испорачува само за европскиот пазар, туку за целиот свет.

Порано 250 КС важеа како горна граница за предниот погон. Во меѓувреме брзите компакти ја пречекорија и тристотката - за сериозни машини, 4x4 е веќе задолжителен
Порано 250 КС важеа како горна граница за предниот погон. Во меѓувреме брзите компакти ја пречекорија и тристотката – за сериозни машини, 4×4 е веќе задолжителен

Најзначајната промена е сепак во преоѓањето на погон на сите тркала, развиен од тимот Ford Performance. Системот користи динамична распределба на вртежниот момент меѓу тркалата, заради постигнување уште поголема стабилност во свијоците. Ford дури најавува и „брзини во свијоци коишто се недостигнати во сегментот“. Тоа произлегува од двата електронски контролирани диференцијала на задната оска, коишто ја регулираат распределбата напред-назад, но и меѓу тркалата на иста оска. Максимално 70 проценти од вртежниот момент може да ја нападнат задната оска, односно во екстремен случај, целата моќ може да се пренесе и на само едно тркало.

Еден од поскорите претходници со знакот RS, Ford Escort RS Cosworth со дволитарски турбо со 220 КС од 1992 година
Еден од поскорите претходници со знакот RS, Ford Escort RS Cosworth со дволитарски турбо со 220 КС од 1992 година

Соодветно е модифицирано и подвозјето. Во споредба со „обичниот“ спортски модел ST, моќникот има поцврсти пружини, засилени лежишта и зглобови, како и подебели стабилизатори. За екстремни возења по тркачка патека е можно да се активира спортскиот режим на приспособливите амортизери. Во пакетот влегува и посебно дотерано електрично сервоуправување, коешто е една од специјалностите на инженерите на Ford. За Focus RS се нарачани и посебни гуми во Michelin, коишто се достапни како опција – за првпат стојат на располагање и чисто тркачки гуми (полу-слик). Стандардно следуваат Pilot Super Sport, а за тркачка патека доаѓаат во предвид Pilot Sport Cup 2.

За разлика од претходниците, новиот RS ќе се продава глобално, место само во Европа

На Focus RS му е толку комотно во неговиот култен статус што се откажува од секакви екстремни каросериски додатоци за покажување и докажување на неговата моќ. Задниот спојлер сепак не смее да отсуствува, исто како и модифициран преден браник со поагресивен изглед, проширени крила и спортски издув. Сето тоа е дури и многу поумерено отколку кај претходникот. Во секој случај, има неколку детали во изгледот околу коишто ќе се судираат вкусовите.

Останатите детали околу техниката и цените на Focus RS ќе бидат познати по премиерата во Женева. Исто како досега, RS би требало со цената да е под Audi S3 или Golf R, коишто стартуваат од околу 40.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari 488 GTB: Турбо под законска присила

Функционални детали за уживање во возењето велосипед